Имате домашен компјутер, лаптоп и мобилен телефон со заштита? Хмм... Веројатно плаќате со дебитна картичка, а како вистински македонец сигурно имате и најмалку уште една до две кредитни картички. Картичката за здравствено осигурување имаше или немаше пин, се прашувате додека бледо ве гледа службеничката во здравствената организација. А да ги одминеме и сите домашни и работни кориснички сметки на социјалните мрежи, имејл адреси, скајпови, “мајпови”, разно-разни веб-сервиси за купување, пријавување и што уште не, но и едно чудо апликации што се приспособуваат специфично на вашите потреби и барања. Едноставно, морето од лозинки и пинови што треба да се запаметат за да се има пристап до некоја услуга, секојдневно, вртоглаво се зголемува.
Токму со оваа проблематика се занимаваат повеќе технолошки компании. Емануел Шалит, извршен директор на Дешлејн, една од водечките компании кои работат на полето за безбедни кориснички лозинки, вели дека некаде во релативно блиска иднина, потребата за паметење огромен број лозинки за пристап полека ќе ја снема (фала му на бога ) и наместо тоа, пристапот до шифрираните кориснички сметки ќе биде олеснет со употреба на нови технологии. Но, како да се снајдеме дотогаш?
Голем број корисници не се мачат со паметење на лозинките, едноставно кликаат на “ја заборавив лозинката” и при секој пристап го повторуваат процесот.
Како што посочува Шалит, проблемот не се лозинките, проблемот е што просечниот човек треба да запамети и работи со стотина различни лозинки.
Некои корисници едноставно ја користат истата лозинка, одново и одново, навика од којашто на безбедносните IT екперти им се крева косата на главата. Во ваквите случаи, со пробивање на само една корисничка сметка, хакерот лесно може да ја преземе контролата врз целиот “електронски” живот на жртвата. Можеби сметате дека биометриските идентификатори како што се скенерите за отпечатоци од прсти, шарите во ирисот и технологијата за препознавање глас или лице, помагаат? Во глобала да, но како што укажуваат експертите за кибер-безбедност, дури и биометриските идентификатори се пробиваат. А кога еднаш ќе се пробијат, со крадење на биометриските податоци од жртвата, тука нема можност за замена на “лозинка”.
Само 20% од корисниците во светски рамки користат апликации за управување со лозинките какви што нудат повеќе компании (LastPass, 1Password, Dashlane, EnPass, LogmeOnce, True Key). Во повеќето случаи, овие сервиси создаваат единствена лозинка за секој сајт што корисникот ќе го посети, којашто потоа ја складира како дополнително шифриран податок до којшто се има пристап со една главна лозинка. Па така, корисникот на овие сервиси памети само една единствена лозинка.
Компаниите за безбедно шифрирање велат дека за најмалку десетина години, лозинките за пристап целосно ќе се променат. Во моментов, корисникот е ограничен на користењето букви, бројки и симболи. Но, веќе се работи на воведување нови елементи – фотографии, видеа, бои, емоџи, или комбинација од сите овие објекти, како единствена лозинка. А првите резултати ветуваат.
Но, барем засега, нема комерцијални производи коишто нудат вакви комбинации. Додека ја чекаме новата технологија да пристигне, она што експертите го препорачуваат е редовна рутинска промена на лозинките коишто ги користите. Ако хакерот дојде до вашата стара лозинка, таа нема многу да му користи.