Рубрика: Астрономија и астронаутика
Раѓањето на една ѕвезда
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.12.2018 - 11:15

Уметничка визија на младиот ѕвезден пар (фото: Џ.Д. АЈли, Универзитет во Лидс)

Додека го набљудувале формирањето на една масивна млада ѕвезда, астрономите наишле на изненадување – ѕвездата во нејзината орбита криела придружник. Дека набљудуваниот објект не бил една ѕвезда, туку пар од ѕвезди, било забележано од тимот предводен од д-р Џон Ајли од Школата за физика и астрономија при Универзитетот во Лидс, Велика Британија. Oткритието на бледиот објект којшто орбитира околу ѕвездата со ознака MM 1a беше опишано во трудот објавен во Astrophysical Journal Letter.

Ѕвездата MM 1a била избрана за набљудување поради тоа што била опкружена со облак од гас и прав, материјал од којшто се формираат сите ѕвездени објекти.

Како што објаснува Ајли “кога овие облаци колабираат под дејство на гравитацијата, тие ја забрзуваат својата ротација, формирајќи диск околу себе. Кај ѕвездите со мала маса, како нашето Сонце, овие дискови можат да формираат планети.” Но, ѕвездата и дискот што биле набљудувани биле премногу масивни, па така, наместо од облакот да се изнедрат планети, било забележано раѓањето на уште една ѕвезда.

Помалата ѕвезда, којашто ја добила ознаката MM 1b, има маса којашто изнесува половина од масата на нашето Сонце, додека нејзината ѕвезда-мајка е “тешка” дури 40 Сончеви маси.

Како што забележуваат астрономите, ѕвездите во бинарните системи најчесто имаат приближно иста маса и вообичаено се нешто постари. Откритието на млад ѕвезден бинарен систем со “чудна” распределченост на масата, во однос 80:1, укажува дека е можно кај овој систем да се одигруваат сосема други процеси при формирањето на двата објекта.

Понатамошното истражување може да донесе и понатамошни изненадувања – како што би било, на пример, откритието на сопствен правлив диск околу ѕвездата ММ 1b, од којшто понатаму би можеле да се формираат планети. Но, како што откриваат астрономите, планетарниот живот во вакво ѕвездено опкружување би бил исклучително краток. Имено, масивните ѕвезди, каква што е ѕвездата MM 1a, имаат многу краток животен век, околу еден милион години, пред да исчезнат во експлозијата како супернова.

Целиот труд е достапен на серверот за претпечат на arxiv

Клучни зборови:
Уметничка визија на младиот ѕвезден пар (фото: Џ.Д. АЈли, Универзитет во Лидс)

Уметничка визија на младиот ѕвезден пар (фото: Џ.Д. Ајли, Универзитет во Лидс)

Набљудувањата на емисиите од прав (зелено) и преладен гас (обоен во црвено и сино) укажуваат дека шуплините во материјалот ротираат заедно со централниот акрециски диск.

Набљудувањата на емисиите од прав (зелено) и преладен гас (обоен во црвено и сино) укажуваат дека празнините во материјалот ротираат заедно со централниот акрециски диск. Помалиот брат MM 1b може да се забележи во долниот лев агол. (фото: Џ.Д. Ајли, Универзитет во Лидс)