Рубрика: Архитектура и градежништво
Композитни Системи за Надворешна Топлинска Изолација – нова книга од д-р Петар Николовски
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 13.12.2018 - 15:45

Во издание на издавачкото претпријатие МАГОР д.о.о. Скопје, во подготовка за печат се наоѓа најновата, десетта по ред, книга на нашиот сорабоник од областа на архитектурата и градежништвото, д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх.. Книгата, под наслов Композитни Системи за Надворешна Топлинска Изолација – КСиНТИ (External Thermal Insulation Composite Systems – ETICS), (Wärme Daem Verbund System - WDVS), е наменета за сите сегашни и идни градежни инженери и архитекти, но и за оние коишто сакаат поблиску да се запознаат со начините за подигање на енергетската ефикасност на нивниот објект преку употреба на композитните системи за надворешна топлинска изолација.

Во книгата е преточено четиридецениското теоретско и практично искуство на авторот со контактните надворешни фасадни изолации на зградите. Според зборовите на рецензентот, проф. др. Роман Кунич од Љубљанскиот Универзитет, оваа одлична професионална книга претставува основа за квалитетна изведба на фасадите, како во областа на проектирање, така и во поглед на изведбата. Од толкувањето на основните концепти, примери од градежна физика, преглед на домашното и европското законодавство, преку третман на фасади со стиропор, минерална волна, како и со нови иновативни изолациски материјали, до детално опишани постапки за изведба, отпорноста и влијанието на оган, изведба на деталите и грижливо собран материјал за грешки при изведба, поткрепен со фотографии, книгата претставува лесно и разбирливо четиво наменето не само на стручните лица туку и на лаици.

Авторот, д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх. теоретски и практично се занимава со енергетска ефикасност и градежна физика повеќе од 45 години. Автор е на повеќе книги од областа на енергетската ефикасност, а докторската дисертација на тема “Линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони“ ја има одбрането во Софија, пред Специјализиран научен совет на Вишата атестациона комисија при бугарската Академија на науки.

Тој е еден од тројцата автори на македонскиот Правилник за енергетски карактеристики на згради и овластен обучувач на курсеви за енергетски контролори. Повеќе од 15 години го води Техничкиот комитет ИСРМ ТК8 за стандарди од областа топлински карактеристики на згради, во рамките на Институтот за стандардизација на Република Македонија. Активно соработува со соодветните комитети во CEN (Европски комитет за стандардизација) и во ISO (Меѓународен комитет за стандардизација).

Како вонреден професор предавал градежна физика, обновливи извори на енергија и одржлива архитектура на додипломски и постдипломски студии. Со свои стручни трудови учествувал на повеќе меѓународни конференции на горната тема. Учесник е во повеќе меѓународни проекти за енергетска ефикасност и енергетска рехабилитација на згради (GTZ, KWI, SMAQVa, CARDS 2002, AEA, UNDP, GIZ).

Во Агенцијата за енергетика на Република Македонија е надворешен експерт.

Промоцијата на книгата е предвидена за почетокот на февруари идната година.

Клучни зборови: