За да можат организмите да преживеат длабоко во подземјето, треба да се способни да ги истрпат екстремните притисоци и големите жештини. Како капак на ова, тие мораат да се во состојба да опстанат во услови на “вечна диета”, односно со минимални количества од хранливи состојки, што се должи на отсуството на сончева светлина.
Неодамна, стотина научници од научната мрежа Deep Carbon Observatory објавија дека нивното десетгодишно истражување, кое вклучуваше потрага по живот на местата со подземни и подводни бушотини, открило дека биосферата на длабочините е дом на милијарди микроорганизми! Се проценува дека целокупната тежина на сиот јаглерод што влегува во составот на овој подземен екосистем, којшто вклучува голем број видови бактерии, археи (едноклеточни безјадрени организми) и мали повеќеклеточни организми, како нематодите (прикажани подолу на сликата), е од 245 до 385 пати поголема од тежината на сите човечки суштества на површината од нашава планета.
Научната заедница Deep Carbon Observatory вклучува над 1000 научници, обединети во десетгодишниот предизвик да се разберат количините, движењата, формите и потеклото на јаглеродот во утробата на Земјата.
Неодамнешното истражување беше објавено на состанокот на Американската унија на геофизичарите, одржан во Вашингтон, САД.