Научниците пронашле генетски материјал отпорен на антибиотици во прашината од фитнес-центрите, откако машините и душеците биле избришани со санитарни средства што ја содржат хемикалијата триклосан.
Откритието ги зголемува стравувањата дека со вообичаените хигиенски практики, ненамерно се создаваат бактерии отпорни на антибиотици, коишто претставуваат сериозна закана за здравјето. Само во САД, секоја година најмалку 23 000 луѓе умираат како последица од инфекции отпорни на антибиотици, посочуваат наодите на Американските центри за контрола и превенција на болести.
Истражувачите предводени од Ерика Хартман од Универзитетот Нортвестерн во Чикаго, САД, откриле врска меѓу високите концентрации на триклосан во прашината и појавата на генетските маркери за отпорност на антибиотиците. Според Хартман, генетскиот материјал не бил отпорен на средството триклосан, но покажал отпорност на медицински релевантни антибиотици.
Таа и нејзините колеги ја тестирале прашината бидејќи таа се состои од ситни честички што слободно се движат низ воздухот и на овој начин влијаат на неговиот квалитет. Прашината вклучувала и живи организми – бактерии, коишто всушност биле носители на генетските мутации што ги открил истражувачкиот тим.
Во 2017 година, Американската администрација за храна и лекови (ФДА) ја забрани употребата на триклосан во хигиенските производи, како, на пример, средството за дезинфекција на рацете. Забраната била изречена поради недостатокот на податоци кои би оделе во прилог на неговата безбедност и ефикасност.
Но, триклосанот сè уште може да се вклучи во составот на други средства и предмети коишто не подложат на контрола од страна на ФДА. Такви се, на пример, "антибактериската" постелнина, кујнскиот прибор и спортската опрема.
Како што пишуваат во Cosmos, производителот на оваа хемикалија, компанијата Микробан, којашто е и носител на брендот триклосан, тврди дека хемикалијата може да се употреби како состојка во секој производ, почнувајќи од мобилните телефони до бебешките купки. Компанијата, исто така, вели дека нејзината најнова технологија не содржи триклосан, но од друга страна, отсуството на триклосан не е нагласено кај производите, па не се знае кои од нив сè уште ја вклучуваат оваа состојка, а кои не.
По ова истражување, тимот се нафатил и со испитување на уште една антимикробна состојка, бензалкониум хлоридот, и на нејзиното можно влијание во создавањето микроорганизми отпорни на антибиотици.
Како што вели Хартман, и покрај тоа што сè уште нема цврст доказ дека употребата на антимикробни средства ги прави некои производи поздрави, сепак се знае дека употребата на триклосан во животната средина може да биде штетно. Таа тврди дека дури и самата употреба на антимикробни производи е излишна, поради тоа што голем дел од микроорганизмите околу нас не само што не се лоши, туку напротив, тие можат да бидат и корисни за нашето здравје.
Препораката од истражувачкиот тим е следна: "Избришете ја фитнес опремата со крпа. Измијте ги рацете со обичен сапун и вода. Нема апсолутно никаква причина да се користат антибактериски средства за чистење и сапуни".
Истражувањето е објавено во списанието Systems.