Алергиите коишто ги предизвикуваат одредени видови трева, а типично се јавуваат за време на летните и во есенските месеци, имаат еден неочекуван сојузник за нивната раширеност – автомобилскиот сообраќај. Истражувањатаа откриваат дека воздушните струења создадени од густиот сообраќај можат да го разнесат семето од тревите десетици метри подалеку од самото растение. Ова е огромна разлика од вообичаениот еденметарски радиус на простирање на семето.
Истражувачите експериментално ја испитале поврзаноста меѓу густината на сообраќајот и распространувањето на семето од еден вид плевел, растението Ambrosia psilostachya, којшто е типичен за американското поднебје. За ова избрале повеќе патни рути, некои со висока фреквенција на сообраќај, а други со пониска. Долж работ од коловозот, кадешто вообичаено и расте плевелот, тие оставиле по 100 семиња од растението, што претходно ги обоиле со фуоресцентна боја, а коишто возилата од сообраќајот подоцна ќе ги разнесат во сите правци. По одреден временски период, тимот се вратил опремен со ултравиолетови ламби, за да ја забележи новата позиција на семињата.
Во рок од 48 часа, семето досегнало до повеќе нови места. Повеќето од семињата останале во близина на почетната локација, но воздушните струења од густиот сообраќај однеле неколку семиња на оддалеченост од десетици метри, при што најдалечното семе било забележано на 71 метар од почетната точка. Дури и на патиштата со помала фреквенција на сообраќај, семињата биле разнесени до далечина од 40 метри.
По овој експеримент, истражувачите ја мапирале распространетоста на самите растенијата крај патиштата во периодот за две последователни години, со цел да разберат колку се зголемиле популациите на аmbrosia psilostachya во правец на сообраќајните рути. Во втората година, тимот забележал дека во правецот на главната сообраќајна рута се појавиле двојно повеќе растенија, додека вдолж спротивната насока, влијанието на автомобилите било речиси незабележително.
При ова истражување, за првпат се разоткрива влијанието на сообраќајните движења при ширењето на инвазивните растителни видови. Резултатите од истражувањето укажуваат дека појавата на сезонските алергии би можела да се ублажи со почесто кастрење и косење на крајпатната вегетација. За оваа цел, идеално би било доколку косењето се изведе пред созревањето на семето од растенијата. Во спротивно, косењето може да придонесе за подалечно распространување на зрелите семиња.