Се очекува емисиите од јаглерод диоксид до крајот на оваа година да достигнат рекордно високо ниво во светски рамки. Ова се случува и покрај предупредувањата и повиците кои пристигаат од климатските научници и од меѓународните групи како Обединетите нации за итно преземање мерки за намалување на емисиите .
Се предвидува дека оваа, 2018 година, употребата на фосилни горива ќе придонесе за испуштање на 2,7% повеќе CO2 во атмосферата споредено со ланската, 2017 година. Минатата година, овие емисии донесоа нови 9,9 гигатони јаглерод во атмосферата. Податоците се презентирани во Глобалниот буџет за јаглерод, објавен онлајн, на 5 декември, во Earth System Science Data. 2018 година е втора година по ред во којашто емисиите што го поттикнуваат глобалното затоплување бележат значителен пораст, по стагнацијата во периодот од 2014 до 2016 година.
Најголем дел од порастот на овие емисии доаѓаат од големите, брзорастечки економии во развој на Кина и Индија, но и емисиите од САД бележат пораст. САД се најголемите емитери на CO2 по жител во светот, со емисија од 4,4 тони јаглерод по човек во 2017 година. Уште повеќе, емисиите од CO2 од фосилни горива во САД оваа година пораснале за 2,5%, и покрај тоа што во истава година САД бележат и најголем процент на користење на обновливите извори на енергија досега!
Индија бележи најголем пораст на емисиите од CO2 од фосилни горива во 2018 година, за 6,3% поголеми емисии од претходната, 2017 година. Ова се должи на брзиот економски раст и на напорите за електрификација на руралните средини. Ако се има предвид дека Индија има повеќе од една милјарда жители, пресметано по жител, индиските емисии од CO2 во атмосферата сè уште се под глобалниот просек. Земјата, пак, со најбројно население во светот, Кина, има најголеми емисии од CO2. Емисиите на јаглерод од Кина бележат зголемување за 4,7% во 2018 година. И во Индија и во Кина се обидуваат да го намалат и да го исфрлат јагленот како главен извор за добивање на енергија.
Единствено намалување на емисиите од CO2 се бележи во рамките на Европската Унија, кадешто оваа година тие се намалени за 0,7%. Трендот се должи на значителните инвестиции во обновливите извори на енергија.