За првпат, една жена со матка пресадена од починат донор, роди здраво бебе. Претходно се познати вкупно 11 случаи на жени кои имале бебиња по трансплантација на матката од живи донори. Процедурата, објавена на 4 декември во Лансет, може да ја зголеми достапноста на органи за жените кои сакаат да останат бремени, но немаат здрава матка.
Џулиано Теста, хирургот што ја направил трансплантацијата, претходно бил дел од тимот што ја направи првата трансплантација на матка од жив донор во САД, во 2017 година. Инаку, во светски рамки, ваква процедура за првпат е направена во Шведска, во 2014 година.
Околу 1,5 милиони жени во светот страдаат од неплодност поради немање на матка, состојба којашто може да биде и вродена, или пак, поради абнормалности или оштетувања на овој орган. Во случајот со починат донор, жената-примател на органот била родена без матка, состојба позната како Мајер-Рокитански-Кистер-Хаузеров синдром, или МРКХ, којшто се јавува кај 1 од 4500 жени. Донираната матка потекнува од 45-годишна жена којашто имала три вагинални породувања и починала од мозочен удар.
Трансплантацијата на органот била направена во Бразил, во септември 2016 година, кога жената имала 32 години. Триесет и седум дена по операцијата жената го добила и првиот менструален циклус. Веќе седум месеци по операцијата, лекарите направиле трансфер на еден ембрион во матката. Ембрионот бил создаден преку ин витро оплодување, четири месеци пред трансплантацијата. За време на бременоста, крвта течела нормално, преку артериите во матката и папочната врвца на фетусот, објавил медицинскиот тим. По породувањето, лекарите ја отстраниле донираната матка.
На 15 декември 2017 година, со царски рез, жената родила здраво бебе со тежина од 2,5 килограми. Здравствените прегледи на детето утврдиле дека новороденчето е во одлична здравствена состојба и постигнало високи резултати по сите точки од мерењата на таканаречената Апгарова скала. На седуммесечна возраст, бебето кое сега има една година, се развивало нормално и здраво, пишуваат лекарите во објавениот труд.
Операцијата за трансплантација на матката технички поставува многу предизвици, вели Теста, но досега се покажало дека во најголем дел примателот на органот многу добро ја поднесува процедурата. Примателите, вклучувајќи ја и жената во Бразил, биле млади и во добра здравствена состојба, единственото нешто што им недостасувало била матка, вели тој.
Според Теста, потребни се понатамошни истражувања за да може да се одреди која матка ќе функционира добро по трансплантацијата а која нема, како и колку долго органот може да остане употреблив кога еднаш ќе биде отстранет од телото.