Рубрика: Биологија
Откриен механизмот за формирање на окото
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.11.2018 - 10:45

Јапонските научници создадоа "виртуелно пред-око" коешто го демонстрира начинот на којшто матичните клетки на човечкиот ембрион го формираат вистинското око.

Разбирањето на движењето и на превиткувањето на клетките при формирањето на тридимензионалните ткивни структури е во фокусот на истражувањата на биологијата и на регенеративната медицина.

Научниците од Универзитетот во Кјото се послужиле со податоците добиени при претходните истражувања на матичните клетки, со цел подобро да ги разберат процесите што се случуваат, и практично да покажат како клетките реагираат на механичките притисоци при формирањето на сферниот облик на окото.

Истражувачите, предводени од Сатору Окуда, развија симулација на формирањето на тридимензионалната структура позната како оптичка чаша, којашто се формира при развојот на очите кај ембрионот.

За да се формира сфера, ткивото најнапред треба да излезе од првобитното мозочно ткиво, а потоа да се инвагинира навнатре, но како индивидуалните клетки чувствуваат дека треба да се променат за да ја моделираат оваа форма, досега беше нејасно".

Симулацијата покажа дека почетната шема на клеточна диференцијација ги побудува клетките во протооптичкиот сад спонтано да почнат да се превиткуваат за да формираат ткиво. Ова "самосвиткување" создава сила којашто патува до граничниот регион на клеточната група, предизвикувајќи и другите клетки да го почувстувуваат притисокот и да го повторат процесот.

Комбинацијата на деформирање и постојана затегнатост на ткивото на граничниот дел од оптичката чаша, дополнително ги поттикнува превитканите клетки, сè до конечно формирање на структурата слична на чаша” – објаснува Окуда.

Тој и неговите колеги успешно ги повториле процесите и во лабораториски услови, користејќи ембрионски матични клетки од глувци. Наодите, според научниците, ја откриваат улогата на механичките сили при формирањето на тридимензионалните ткива. Наодите се објавени во списанието Science Advances.

Клучни зборови: