Oколу две третини од возрасните во некој момент од животот ќе страдаат од болки во грбот или во вратот. Во голем дел од случаите болката во грбот е предизвикана од оштетување или дегенерација на интервертебралните дискови – меките малечки “жетони” кои се сместени помеѓу пршлените и му помагаат на 'рбетот да се движи и да ги апсорбира ударите.
Тешките дегенeративни промени на интервертебралниот диск честопати се третираат хируршки со спинална фузија, процедура при којашто се отстранува оштетениот диск а соседните пршлени се залепуваат и фиксираат заедно за да формираат една цврста коска. Ова доведува до губење на флексибилноста на 'рбетот и го зголемува ризикот за ваков вид на повреда кај другите дискови што се напрегаат за да го надоместат изгубениот диск. Истражувачите и претходно користеле ткивен инженеринг за создавање на здрави структури налик на спиналните дискови во лабораторија. Но, малку од нив истражуваат како овие вештачки дискови функционират во рамките на подолг период кога се всадени во живи организми.
Во едно ново истражување научниците инјектирале матични клетки од крава во цилиндри од полимерен гел а потоа ги стиснале цилиндрите помеѓу две сунѓерести плочи со цел да ја симулираат механиката и биохемијата на интервертебралните дискови. Потоа, добиените дискови ги имплантирале во ‘рбетот на 14 стаорци во пределот на опашката, а поголеми верзии од нив биле вметнати во вратот на седум кози. Постоперативно било набљудувано движењето и здравјето на животните во текот на неколку недели. Потоа, животните биле еутанизирани со цел да се испита како вештачките дискови ја задржале нивната форма додека биле изложени на притисоци и да се направи нивна споредба со природните дискови од животните.
Дисковите не само што останале стабилни и добро се интегрирале во природното ткиво на коските на животните во рок од неколку недели по операцијата, туку тие можеле да ги издржат стресните сили подеднакво ефикасно како и природните дискови на животните, објави тимот во Science Translation Medicine.
Иако истражувачите велат дека сé уште претстои значителна работа пред да се започне со тестови кај луѓето, фактот дека големи животни како козите добро реагирале на третманот претставува чекор нанапред во решавањето на проблемите со ‘рбетот.