Една од најмоќните експлозии во вселената е на повидок да се случи во нашето космичко соседство, ѕвездата што е на крајот од својот живот се наоѓа во нашата галаксија. Меѓународниот тим од астрономи, под водство на Џо Калингам од Холандскиот институт за радиоастрономија, неодамна откри пар врели, сјајни ѕвезди оддалечени околу 8000 светлосни години од Земјата, а една од нив само што не прераснала во супернова.
Тимот очекува експлозијата да предизвика изблик на гама-зрачење што оваа ѕвезда ја прави прв познат кандидат за ваков настан во Млечниот Пат. Истражувањето беше објавено во Nature Astronomy.
Изблиците на гама-зраци претставуваат интензивни блесоци на високоенергетска радијација и можат да траат од неколку делови од секундата до неколку минути. Тие се дел од најмоќните космички експлозии и претставуваат најсјаен светлосен извор по Биг Бенгот. Избликот е толку сјаен што во моментот на неговиот врв може да го осветли целиот универзум. За жал, секој изблик може да се набљудува само еднаш, бидејќи објектот од којшто потекнува наполно се уништува или пак станува непрепознатлив.
По децении набљудувања и теоретски модели, астрономите веруваат дека изблиците на гама-зраци се создаваат при судир на два компактни објекта (како што се две неутронски ѕвезди во еден бинарен систем) или при колапс на една единствена масивна ѕвезда. Обата механизми поттикнуваат создавање на црна дупка околу којашто се формира диск од преостанатиот ѕвезден материјал што со голема брзина ротира околу неа. Се претпоставува дека при вшмукувањето на материјата во црната дупка се создаваат два енергетски изблика од високоенергетски гама-зраци.
Новооткриената ѕвезда наречена Апеп, според староегипетскиот змијолик бог на хаосот, припаѓа на втората категорија. И двете ѕвезди од системот се класифицирани како Волф-Рајетови ѕвезди, што значи дека претставуваат масивни врели ѕвезди што се наоѓаат на крајот од нивниот ѕвезден циклус. Додека орбитираат една околу друга на секои стотина години, обете ѕвезди се извор на моќни ѕвездени ветрови, коишто формираат фини спирални траги од прав.
Според коавторот на трудот, астрономот Питер Татхил од Универзитетот на Сиднеј, уште при првиот поглед на овој феномен астрономите знаеле дека се работи за посебен вид маглина, наречена вртелешка.
“Закривениот опаш се формира од ѕвездите коишто орбитираат во центарот. Тие исфрлаат прав во ѕвездениот ветер што се шири и тој формира шара налик на вртлива прскалка. Бидејќи ветерот обилно се шири, тој ги истакнува фините траги од прав што се показател за физичките процеси во срцето на системот” – вели тој.
Но, набргу тимот се соочил со загатка. Употребувајќи го ВЛТ телескопот на Европската јужна опсерваторија во Чиле и Англо-австралискиот телескоп што се наоѓа во Австралија, тие ја измериле брзината на ѕвездените ветрови. Таа изнесувала зашеметувачки 12 милиони километри на час! Но, правот којшто овој гас го сеел се движи многу побавно, со брзина од 2 милиони километри на час.
Според Бенџамин Поуп, коавтор од Њујоршкиот универзитет, единствено објаснување за овој систем е ако ѕвездата од типот Волф-Рајет го испушта гасот со различни брзини. Врелиот гас што потекнува од половите на Апеп има огромна брзина, но ѕвездениот ветер што потекнува од пределот на екваторот е побавен и погуст. Вакви ветрови и претходно се забележани кај брзоротирачки ѕвезди, а Апеп се врти толку бргу што може и да се распадне. Кога Апеп конечно ќе колабира, може да поттикне и изблик од гама-зраци, со што ќе создаде совршена ѕвездена бура.
Претходно астрономите беа сведоци само на долготрајни изблици од гама-зраци во далечните галаксии. Тие не очекуваа дека наскоро ќе можат да видат ваков настан и во рамките на Млечниот Пат, бидејќи сите масивни ѕвезди се богати со метали, а се смета дека за формирање изблик од гама-зраци, ѕвездата од типот Волф-Рајет покрај тоа што треба да се врти многу бргу, треба да содржи и ниско количество на метали. Ова се должи на фактот што металите го намалуваат агловиот момент на ѕвездениот ветер при губењето на нејзината маса, што функционира како своевидна кочница при ротацијата на ѕвездата. Па така, додека го дочека моментот на својата смрт, ѕвездата веќе ротира пребавно за да може да поттикне изблик на гама-здраци.
Но, Апеп може да биде исклучок од ова правило, може да се покаже како прототип за сосема нова класа ѕвезди со слични карактеристики. Имено, Апеп, и покрај изобилството од метали во својот состав, има многу брза ротација, што е најверојатно се должи на интеракцијата со нејзиниот бинарен придружник.
За наша среќа, изблиците од гама-зраци се теснофокусирани настани при коишто сета енергија е насочена во два тенки протока од половите на ѕвездата, а тие на Апеп не се насочени кон Земјата.
Доколку Земјата се најде на патот од ваков феномен, би дошло до моментално уништување на озонскиот слој, при што планетата ќе остане незаштитена и изложена на високо ниво на радијација. Во најлош случај, тоа ќе значи масовен помор за голем број видови. Постојат шпекулации дека вакви изблици на гама-зраци биле причина за некои од големите помори во минатото на Земјата.