Едно ново истражување понуди многу добар увид во начинот на којшто нашите носеви спречуваат да се разболиме, иако сме опкружени со бактерии во воздухот.
Кога ќе вдишеме бактерии, клетките долж носните канали испуштаат “ситни капсули исполнети со течност”, наречени егзосоми, коишто директно се борат со микробите. Тие, исто така, ги предупредуваат клетките по должината на патот кон внатрешноста, поттикнувајќи ги и тие да го сторат истото, и на овој начин ефикасно го подигаат целиот систем, се вели во истражувањето предводено од Бенџамин Блејер, хирург за синуси.
Истражувачите велат дека нивните наоди даваат увид во начинот на којшто функционира имуниот систем, што понатаму би можело да се искористи при развојот на нови методи на лекување.
Егзосомите се везикули коишто ги испуштаат клетките и се наоѓаат во телесните течности, како што се крвта, урината и слузта. Оние смесени во носот ги напаѓаат бактериите и разнесуваат антимикробни протеини долж дишните патишта.
Одбранбениот систем се активира многу брзо. Во рок од пет минути по контактот со бактерија, бројот на егзосоми во носната слуз се удвојува, а со секоја од нив, двојно се зголемува и количеството синтаза од азотен оксид, којашто е антимикробна. Механизмот е откриен преку симулирање на изложеност на бактерии во мукозни примероци. Потоа наодите се потврдени и со испитувања кај живи пациенти.
Истражувачите велат дека егзосомите биле подеднакво ефикасни во убивањето бактерии како и антибиотиците. Тие откриле и дека егзосомите биле многу бргу преземани од други клетки, на коишто им ги пренеле антимикробните молекули.
"Носот обезбедува единствена можност за директно проучување на имуниот систем на целокупните дишни патишта кај човекот – вклучувајќи ги и белите дробови", вели Блејер.
Наодите се објавени во Journal of Alergy and Clinical Imunology (JACI).