Следната година се навршува точно половина век од моментот кога првиот човек стапна на Месечината. Со цел да го одбележат овој подвиг на човештвото, писателот и уредник Дејвид Ајхер заедно со рок-легендата, гитаристот на Квин, астрофизичар и стерео-фотограф Брајан Меј, ја создадоа книгата Мисија Месечина 3-Д.
Како што известуваат во Nature, книгата дава добар преглед на севкупните напори на човештвото да ги допре ѕвездите, водени од неизмерниот ентузијазам, научната љубопитност и, сè разбира, трката за престиж во времето на Студената војна.
Книгата ја споредува советската и американската вселенска програма, нивните успеси и нивните потфрлувања. Приказната за политичкиот, културниот и техничкиот контекст во којшто се одвива оваа трка кон вселената и Месечината е збогатена со сведоштва и од советските космонаутите, откривајќи детаљи за настаните што се одвивале зад Железната завеса. Според рецензиите, стилот на Ајхер е добро избалансиран и презентацијата на деталите не ја нарушува читливоста.
Доприносот на Меј е во делот на изборот и подготовката на 150 стереофотографии наменети да го збогатат читачкото искуство. Стереофотографијата е повеќедецениско хоби на Брајан Меј, а тој е член и на Лондонското друштво за стереоскопска фотографија. Мало објаснување, стереофотографијата е техника при којашто една до друга се прикажуваат фотографиите на еден ист објект или пејзаж фотографиран двапати во иста хоризонтална рамнина и минимална разлика во аголот на набљудување. Кога овие фотографии се гледаат со опуштено око и преку специјални стереоскопски очила, набљудувачот добива лажно чувство за длабочина на сцената и има впечаток на тридимензионален приказ. Книгата со себе вклучува вакви 3Д очила, дело на Меј, а со нив читателот ќе може да ужива во фотографиите кошто вклучуваат фотографии од космонаутот Алексеј Леонов, којшто ја направи првата вселенска прошетка во 1965 година, и од месечевиот модул на мисијата Аполо 12 од 1969 година, но и висококонтрастна фотографија од кометата 67П/Чурјумов-Герасименко.
Стереофотографијата на месечевите пејзажи е овозможена од мноштвото фотографии направени во серија, дело на екипажите на мисиите Аполо на НАСА. Од друга страна, фотографиите од советските архиви не биле правени во последувателни серии, па овие “моно” фотографии требале посебно да се обработат за да се добијат стерео-парови.
Мисија Месечина 3-Д издвоила и значителен простор за жртвите на вселенските истражувања – луѓето, но и животните коишто загинале во име на напредокот на вселенските истражувања. Тие нè потсетуваат на ризиците за човекот што доаѓаат со истражувањето на негостољубивоста на вселенскиот простор. Денес нашите машини и сонди ги истражуваат планетите од Сончевиот систем, а некои од нив како мисиите Војаџер патуваат и надвор од неговите граници. Она што оваа книга потцртува е дека човечкото присуство нема замена при вселенските истражувања, затоа што технологијата и механиката не можат да го заменат духот на човекот, чувството дека нешто засекогаш се променило само поради неговото присуство.
За сите заинтересирани, книгата може да се набави на повеќе сајтови и нејзината цена варира од 27 до 50 и повеќе американски долари.