Според најновoтo истражување за минатото на нашата галаксија, Млечен Пат, таа не се формирала како единечна галаксија, туку во нејзината најрана историја таа “голтала” и други галаксии. Ова најново сознание е заклучок на една научна група од Универзитетот во Гронинген, Холандија. Истражувањето на групата во врска со најраното минато на Млечниот Пат се потпира на податоците добиени од вселенската мисија Гаиа на Европската вселенска агенција (ЕСА).
Да објасниме, мисијата имаше задача да ја скенира точната положба и светлинскиот спектар на најмалку една милијарда ѕвезди во нашата галаксија за врз основа на тие податоци научниците да можат да состават најточен каталог на ѕвездената популација во нашата галаксија. Мисијата започна некаде кон крајот на 2013 година со лансирање на вселенска орбитална сонда во траекторија директно околу Сонцето. Нејзината орбита беше точно планирана за појасот каде што се поништуваат сончевата и земјината гравитација. Врз основа на резултатите од мисијата, наведената научна група го претстави трудот што деновиве беше објавен во научното списание Nature. Според истражувањето нашата галаксија не се формирала како осамена единечна галаксија, туку во нејзиниот најран живот таа се спојувала со други галаксии.
Групата дошла до овој заклучок со анализа на податоците од Гаиа за ѕвездите што лежат внатре во просторот, на растојание до околу 33 000 светлински години од нашето Сонце, и воочила 2 различни клучни показатели што одат во прилог на нивниот заклучок. Првиот показател е тоа што околу 30 000 ѕвезди во наведениот простор ротираат околу галагтичкиот центар во насока спротивна од насоката во којашто орбитира огромното мнозинство од сите останати ѕвезди во нашата галаксија. Вториот знак е поубедлив и ја се повикува на значајната разлика помеѓу хемискиот состав на овие обратно-ротирачки ѕвезди и хемискиот состав на останатите ѕвезди. Ова научниците го утврдиле со анализа на светлинскиот спектар на тие обратно-ротирачки ѕвезди, при што заклучиле дека овие ѕвезди содржат значајно помалку потешки елементи во нивниот хемиски состав, отколку ѕвездите слични на нашето Сонце. Ова укажува дека овие невообичаени ѕвезди се формирале надвор од нашата галаксија во времето пред појава на т.н. супернови, ѕвездени екплозии што ги расејуваат тешките елементи низ просторот.
Споредувајќи ги овие податоци со компјутерска симулација, екипата заклучи дека пред околу 10 милијарди години нашата галаксија се судрила со некоја помала галаксија со големина од околу 20-25% од нашата галаксија. Овој заклучок можеби ќе помогне да се објасни поделеноста на нашата галаксија во три различни зони според структурата на ѕвездената популација во нив. Имено, потенкиот галактички диск т.е спиралните краци, го сочинува популација од млади ѕвезди, додека подебел и погуст диск што го сочинуваат многу постари ѕвезди што ги обиколува тенкиот диск и, конечно, далеку од овие две зони се наоѓа т.н. галактичко хало со многу ретка популација на далечни ѕвезди, очигледно заталкани од надвор во нашата галаксија. Па, ете, нов факт за начинот на формирање на нашата галаксија не како единечна целина.
Ова најново сознание за минатото на нашата галаксија, според научниците направи нов пробив во разбирањето на начинот на којшто таа се формирала. Имено, наместо како осамена единечна галаксија, Млечниот Пат се формирал со спојување со други соседни помали галаксии.