Рубрика: Информатика
Зелени грижи за златни биткоини
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.11.2018 - 13:30

"Копањето" на биткоини троши подеднаква енергија како и вистинското, рударско ископување на злато и други благородни метали, открива едно ново истражување.

За создавање на криптовалута во вредност на еден долар потребно е да се потрошат помеѓу 7 и 14 MJ (мегаџули) енергија, што е повеќе од енергијата потребна за физички да се ископа бакар или злато со истата вредност од еден долар, велат Макс Крауз и Табет Толејмет од американскиот Оук Риџ Институт за наука и образование, во нивниот труд објавен во Nature Sustainability.

Енергетската потрошувачка е речиси иста со онаа при ископувањето на платина или други ретки минерални оксиди, што значи дека копањето криптовалути претставува значителен еколошки проблем. Биткоинот, слично на минералите во земјината кора, го има во ограничени количини, па како и при конвенционалното рударство, ископот на криптовалути може да претставува енергетски интензивен процес.

Двајцата истражувачи, вработени во Канцеларијата за истражување и развој на Агенцијата за заштита на животната средина на САД, ја разгледувале енергетската потрошувачка при копањето на четири криптовалути: биткоин, етереум, монеро и лајткоин. Сите четири криптовалути за бележење на трансакциите користат блокчејн, како своевиден јавен запис. Создавањето односно "ископувањето" на новата криптовалута, претставува награда за вршењето на пресметките во текот на обработката и бележењето трансакции преку решавање на криптограф – притоа се додава и нов блок на крајот од податочната низа (chain).

Овие пресметки се во состојба да “изедат” големо количество електрична енергија. Иако при користење на специјализиран компјутерски хардвер пресметките вообичаено се решаваат за околу десетина минути, на еден типичен компјутер ќе му биде потребна цела една година за решавање на само една пресметка.

Крауз и Толејмет откриле дека во периодот меѓу 1 јануари 2016 година и 30 јуни 2018 година, ископувањето на биткоини, етереуми, лајткоини или монера, во вредност од еден долар, троши во просек од 7 до и 17 мегаџули. За спореда, конвенционалното рударство при ископувањето на алуминиум, бакар, злато, платина и ретки минерални оксиди, потрошило 122, 4, 5, 7 и 9 МЈ, соодветно, за генерирање на 1 американски долар. Ова  покажува дека копањето криптовалути троши повеќе енергија од рударството за производство на еднаква пазарна вредност, се разбира, со исклучок на производството на алуминиум.

Со зацврснувањето на употребата на биткоинот и останатите криптовалути при интернет-трансакциите, сè повеќе луѓе изразуват загриженост за нивното влијание на животната средина во поглед на потрошувачката на енергија. Едно претходно истражување, објавено исто така оваа година, покажа дека биткоинот троши електрична енергија колку цела Ирска. Истражувањето со сигурност поосочи дека до крајот на 2018 година, ископувањето на биткоини ќе проголта половина процент од вкупната потрошувачка на електрична енергија во светски рамки.

Со оглед на тоа што електричната енергија главно се генерира од фосилни горива, како јагленот и гасот, употребата на биткоинот може да има значително влијание врз животната средина. Според Крауз и Толејмет, во триесетмесечниот период истражуван, копањето на криптовалути придонело за 3 до 15 милиони тони од емисиите на CO2.

Овие нови пресметки доаѓаат веднаш по едно истражување објавено минатиот месец, кое покажа дека само копањето на биткоини, во наредните три децении може да ја зголеми глобалната температура над зацртаниот праг од два степена!

Она што дополнително загрижува е тоа што усвојувањето на криптовалутите е во постојан подем. Веќе над 100000 компании го прифаќаат биткоинот како платежно средство, вклучувајќи ги и Microsoft, PayPal и Википедија.

Клучни зборови: