Нови докази го потврдуваат присуството на супермасивна црна дупка со маса 4 милиони пати поголема од онаа на нашето Сонце во центарот Млечниот Пат.
На почетокот од оваа година астрономите бараа знаци дека S2, ѕвездата со најблиска орбита до супермасивната црна дупка за којашто се претпоставува дека се наоѓа во центарот на Млечниот Пат, согласно со предвидувањата на Ајнштајн ќе почне да отстапува од нејзината вообичаена орбитална патека пресметана според Њутновиот закон за гравитација.
Но, за време на нивните набљудувања астрономите забележале нешто друго – три силни одблесоци во инфрацрвеното светлинско подрачје (визуелизирани на сликата во прилог). Овие одблесоци, како што откриваат истражувачите, се знаци за супервжештениот гас што се движи со 30% од брзината на светлината по кружна орбита многу блиску до линијата на хоризонтот на настани.
Набљудувањето на случувањата во волкава близина на галактичкиот центар, познат како Sagittarius A*, поставува екстремни предизвици поради далечината, малата големина и затскриеноста на објектите со гас и прав. За оваа цел тимот од астрономи го употреби најголемиот оптички инструмент на светот, телескопот ВЛТ на Европската јужна опсерваторија (ЕСО) во Чиле. Со помош на новиот инструмент наречен GRAVITY, тие ја комбинираа светлината од неговите 8,2 метарски огледала за да добијат резолуција од виртуелен 130 метарски телескоп.
Следејќи го случајното откритие, астрономите забележале дека трите одблесоци се движат во мали 45-минутни орбити, а поларизацијата од нивната светлина испишувала цел круг за ист период. Научниците пресметале дека мора да се работи за материјал што кружи околу црната дупка, нешто над најблиската орбита во којашто можат да се движат објектите без притоа да бидат вшмукани од огромната гравитација. Откритието, според тимот, е уште една потврда дека Sagittarius A*, е невидливото темно срце на нашата галаксија.
Според Ранјхард Генцел од Институтот за Ектратерестријална Физика Макс Планк во Германија, кој е предводник на тимот којшто го објави истражувањето во Astronomy & Astrophysics, ова е прв случај на забележување на материјал во непосредна близина до точката од којашто нема враќање и “се работи за убедлива потврда за парадигмата на масивна црна дупка”.
Истиот тим, како што веќе пишувавме, даде прва потврда за ефектите предвидени од Ајнштајновата Општа теорија на релативитетот во вакви екстремни случаи.