Рубрика: Астрономија и астронаутика
Уште една потврда на ајнштајновата теорија за релативитетот
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 08.08.2018 - 12:00

Познатиот феномен на “црвено поместување”  (Red Shift) во спектарот на некој светлински извор се појавува при одалечување на светлинскиот извор од набљудувачот или обратно. Според Ајнштајновата Општа теорија за релативитетот тој феномен исто така се појавува и под дејство на многу силна гравитациска сила врз светлинскиот извор, како резултат на “растегнувањето” на простор-времето, коешто таа сила го прави. Досега таков случај никогаш не беше утврден. Меѓутоа, деновиве, една многубројна меѓународна екипа од научници истражувачи, раководена од Рајнхард Генцел (Reinchard Genzel), научник на  Институтот Макс Планк во Гаршинг, Германија, на прес-конференција објави дека за првпат детектирала токму таков случај, и со тоа ја потврди Ајнштајновата Општа теорија за релативитетот, гледајќи ја и од тој аспект. Па, да ја објасниме нивната истражувачка постапка!

Истражувачката постапка временски траела прилично долго. Таа датира уште од 1990 година и се заснова на постојано следење на орбитирањето на ѕвездата S2 околу галактичкиот центар на нашата галаксија Млечен Пат, во чие средиште лежи монструозна црна дупка со маса 4 милиони пати поголема од нашето Сонце. Ѕвездата S2  орбитира околу галактичкиот центар, односно околу црната дупка, по елипсеста траекторија, што значи дека таа периодично се приближува и се оддалечува од неа. Ете идеален случај за потрага по гравитациско црвено поместување во спектарот на светлински извор којшто орбитира околу црна дупка, објект со екстремно силна гравитација. Наведената екипа ја следела патеката на ѕвездата од опсерваторијата во Чиле, со систем од телескопи – интерферометар, составен од 4 посебни, еден од друг оддалечени антенски системи, секој со антена со пречник од 8 m, впрегнати во една целина. Истовремено, преку други дополнителни инструменти екипата ја следела и брзината на оддалечување и приближување на таа ѕвезда, не во однос на црната дупка, туку во однос на нашата Земја, за да точно утврди дали гледано од Земјата, евентуалното откритие на црвено поместување во нејзиниот сјај е последица од оддалечување на ѕвездата од нас, или е последица од енормно силната гравитациска привлечна сила на црната дупка кога ѕвездата периодично се приближува кон неа. Комбинирајќи ги тие две набљудувања, екипата недвосмислено заклучи дека при доближување на ѕвездата до црната дупка се појавува црвено поместување во нејзиниот светлински спектар (види ја сликата во прилог), коешто не може да се објасни поинаку освен со искривување на простор-времето под дејство на енормно јакото гравитациско дејство на монструозната црна дупка. Со тоа е докажан и овој сегмент од ајнштајновата Општа теорија за релативитетот, дека и гравитацијата создава црвено поместување во светлинскиот спектар на светлинските извори.

Опсервацијата во движењето на ѕвездата S2 ќе продолжи и натаму, бидејќи таа може да потврди и други поставки од Ајнштајновата Општа теорија за релативитетот, на пример, дека ротацијата на црна дупка го врти и простор-времето околу неа. ЕМИТЕР ќе ги следи натамошните истражувања.

Клучни зборови: