Вчера, НАСА соопшти дека по 9 години минати во вселената, ловецот на планети Кеплер остана без гориво, поради што ќе биде исклучен и ќе остане во неговата засега безбедна орбита, на оддалеченост од 151 милион километри.
Последната задача на мисијата беше нагло прекината минатиот месец, кога се јавиле нестабилности при задржувањето на положбата за набљудување, што било знак дека горивото е при крај. Со цел да се заштеди на гориво, леталото беше ставено во режим на мирување сè дури не се укажа поволна прилика за преземање на податоците од него – што се случи на 10 октомври.
Во текот на својата мисија Кеплер пронајде илјадници планети, некои од нив непознати како примери во нашиот Сончев систем, со карактеристики за кои се сметаше дека се невозможни. Тој испорача сè што беше побарано од него и дури многу повеќе од тоа. Вселенскиот телескоп Кеплер во многу придонесе за трансформација на начинот на којшто се проучуваат егзопланетите.
Телескопот беше лансиран во март 2009 година и беше прва мисија опремена специфично за откривање на егзопланети. Првично траењето на мисијата беше проектирано на само три и пол години, но малку по малку животниот век на мисијата беше продолжен за уште шест години. Оригиналната мисија планираше Кеплер да направи набљудувања на 150 000 ѕвезди во соѕвездието Лебед (Cygnus). Некои технички интервенции овозможија леталото да го менува неговиот фокус на секои три месеци со што до крајот на неговиот век тоа успеа да го сврти погледот кон некаде над половина милион ѕвезди.
Пред Кеплер астрономите имаа пронајдено неколку стотина егзопланети, најголем дел од нив гасни џинови лоцирани преблиску до нивната матична ѕвезда. “Кеплер, со неговиот нов пристап кон откривањето на планетите претставуваше голем ризик”, според зборовите на Брус Мекинтош од Универзитетот Стенфорд во Пало Алто во Калифорнија. Но, “Космосот соработуваше, вон сите најлуди очекувања”
Томас Цурбухен од Директоратот на научната мисија при НАСА во Вашингтон изјави дека Кеплер “Не само што ни покажа колку многи планети може да има во космосот, туку поттикна сосема ново и габаритно поле на истражување коешто ја освои научната заедница во еден здив. Неговите откритија ни го прикажаа во ново светло нашето место во универзумот, и осветлија низа мистерии и можности меѓу ѕвездите”
Ова е сосема добра елегија за една мисија. Анализите на откритијата на Кеплер укажуваат дека околу 50% од видливите ѕвезди во својата орбита кријат најмалку една малечка каменеста планета, што се наоѓа во зоната за којашто се смета дека е најповолна за развој на живот.
Податоците од набљудувањата направени во последниот месец од работата на телескопот сè уште чекаат за анализа. Без сомнение, од наследникот на Кеплер што треба да биде лансиран наскоро, вселенскиот телескоп Џејмс Веб, се очекува многу повеќе. Тој треба да ја преземе обврската да ги исполни ветувањата за новите научни откритија коишто Кеплер само ги начна.