Чоколадата веќе подолго време е признаен културен артефакт на раните култури во Централна Америка. Но, доказите од истражувањата, објавени во трудот во Nature Ecology and Evolution, укажуваат дека чоколадото било редовна појава во Еквадор некаде 1500 години пред да се појави и во остатокот од Централна Америка.
Со оглед на добро документираниот ритуал и хранливата вредност на какаото во регионот, долго време се претпоставуваше дека билката Theobroma cacao започнала да се одгледува во Централна Америка, каде знаците за постоење на ваква активност датираат пред околу 3900 години, додека луѓето во Мексико започнале со одгледување на какаото пред околу 1000 години.
Инстражувачкиот тим од Универзитетот на Калгари во Канада предводен од археологот Мајкл Блејк, во нивниот трудот истакнува три линии на докази коишто укажуваат дека одгледувањето на растението од коешто се прави какаото, се одвивало во областа Санта Ана-Ла Флорида во Еквадор пред најмалку 5450 години. Ова е цел еден и пол милениум порано од најраната појава на чоколадото во културите на предколумбиска Средна Америка.
Растението Theobroma cacao
Нивното истражување се надградува на едно претходно геномско истражување коешто откри дека растението Theobroma cacao покажало поголема генетска разновидност во шумите на горниот дел од регионот на Амазон. Со цел подлабоко да го истражат дали разновидноста на растението во овој регион е директно поврзана со неговата употреба од луѓето коишто живееле во оваа област во тоа време, истражувачите тестирале низа керамички садови пронајдени во 2002 година во Санта Ана-Ла Флорида, најстариот археолошки локалитет поврзан со културата Мајо-Чинчипе.
Собирање на зрната од плодот на растението T. cacao
За датирање на староста на локалитетот што се состои од потонат плоштад околу којшто се распоредени дваесетина градби, била употребена техниката со радиоактивен јаглерод. На овој начин било утврдено дека селцето потекнува од пред 5450 години. Потоа биле побарани докази за присуство на остатоци од какао во пронајдените керамички артефакти. Било откриено изобилие од докази – какаови скробни зрна на внатрешноста од садовите, парчиња од ДНК коишто имале секвенци специфични за растението T. cacao, како и остатоци од специфични алкалоиди, наречени теобромини, коишто се присутни кај домашните сорти на какао, а отсуствуваат кај неговите диви роднини.
Според тимот се работи за најстар доказ за култивација на T. cacao во Америка, а воедно и за прв недвосмислен археолошки доказ за неговата употреба во предколумбовската ера во Јужна Америка. Истовремено, откритието го поставува горниот дел од Амазонскиот регион како најстар центар за доместификација на какаото, барем засега.