Внатрешната структура на Земјата главно е позната. Имено, дека во нејзиното средиште таа има цврсто метално јадро, се знае уште од пред осумдесетина години, кога данскиот сеизмолог Инге Леман (Inge Lemann) тоа го открил врз основа на анализа на сеизмичките бранувања евидентирани во сеизмограмите од земјотресот што тогаш го погодил Нов Зеланд. Ќе ја објасниме постапката за откривање на внатрешната структура на Земјата врз основа на сеизмичките бранувања!
Во земјотресите се ослободува механичка енергија што брановито се шири низ целата земјина внатрешна структура. Зависно од структурата, брановите можат да бидат од два различни вида. Така низ флуидите и меките средини, каква што е земјината обвивка, тие се шират исклучиво во вид на т.н. лонгитудинални бранови, карактеристични по нивното осцилирање вдолж насоката на ширење на бранот, симболично се означуваат како “P” бранови (примарни бранови). За разлика од нив, постојат и т.н. трансверзални бранови, коишто се шират исклучиво низ цврстите, тврди тела, какво што е земјиното јадро. Карактеристични се по нивното осцилирање попречно (под прав агол) во однос на насоката на ширење на бранот и симболично се означуваат како "S" бранови (секундарни бранови, англиски Shear wave). Освен по оваа карактеристика, “S" брановите се разликуваат и по тоа што имаат помала брзина на ширење, односно имаат околу 60% од брзината на “P" брановите. Токму таа нивна различна природа им овозможува на научниците да ја студираат земјината внатрешна структура, се подразбира кога тие бранови ќе бидат генерирани од земјотреси, а патем да кажеме дека годишно во просек се случуваат 1 000 земјотреси. Сега доаѓа најважното, за студирање на земјината внатрешна структура, сеизмичките бранови треба да се идентификуваат на спротивната страна од земјината површина во однос на страната на кадешто се случил земјотресот (страната на епицентарот), така што брановите да поминуваат вдолж целиот пресек на земјината внатрешност, вклучувајќи го и средишното земјино цврсто јадро. Така, тие бранови патуваат низ обвивката на Земјата почнувајќи од нивниот извор (хипоцентарот на земјотресот) во облик на “P" бранови сè до цврстото јадро, потоа низ јадрото продолжуваат со помала брзина како “S" бранови, за на крајот, во останатиот дел од земјината обвивка, повторно да патуваат како “P” бранови (види ја слика 1 во прилог). Со анализа на нивната амплитуда и времето на патување низ различните средини од земјината внатрешност, научниците ја пресметуваат големината и цврстината на земјиното јадро. На тој начин е конципиран актуелниот модел за внатрешноста на Земјата т.н. PREM – модел (Preliminary Reference Earth Model), го гледаме на сликата 2.
Меѓутоа, неодамна сеизмолозите од Универзитетот ANU (Australian National University), извршиле преиспитување на прецизноста на наведениот PREM модел, употребувајќи попрецизна метода за идентификација и анализа на сеизмичките бранови и згора на тоа и анализа на некои сеизмички фази што досега не биле набљудувани. Во нивните истражувања тие констатирале подолго вкупно времетраење на ширењето на сеизмичките бранови низ целиот пресек на Земјата, односно констатирале поголемо забавување на сеизмичките бранови во споредба со она од стандардниот модел. Со анализа на резултатот, тие ја лоцирале причината во побавното ширење на “S" брановите низ земјиното јадро, што асоцира дека јадрото е релативно помеко отколку што досега се сметаше, но сепак доволно цврсто за да се држи како компактна целина. Резултатот ги објавиле во научното списание Science; “Нашиот наод претставува напредок во нашето разбирање за структурата и динамиката на внатрешното земјино јадро”, напишале тие на крајот во извештајот.