Во филмот “Звукот на музиката” Џули Ендрјуз своевремено пееше дека “планините оживуваат со звукот на музиката”. Се чини дека ова е точна констатација, барем ако планината се наоѓа на Антарктикот и, ахем, не е планина туку непрегледна покривка од мраз
Под површината на масивната ледена покривка Рос (Ross Ice Shelf) научниците поставиле 34 сеизмички сензори со цел да го следат движењето на мразот и промените во неговата структура во текот на наредните две години. Она што не го очекувале е што подоцна, при анализата на добиените податоци наишле на аудиозапис налик на “мрморење” чијшто извор бил самиот мраз. Забележано е дека со промената на насоката и силината на ветерот над снежните дини натрупани врз ледената површина, се менувал и звукот. Наслушнувањето на промените во “мрморењето” може да даде увид во начинот на којшто ледената прекривка реагира на промената на временските услови, како и дали има опасност од пукање на мразот, вели извештајот објавен овој месец во Geophysical Research Letters
Првите неколку метри од сув снег и мраз коишто се наоѓаат на површината од ледената покривка се нарекуваат ферн (firn) и тие се мошне чувствителни на промените над површината, независно дали се работи за промени во правецот и силината на ветерот или во температурата. Па така, по поминување на секоја олуја забележана била промена во фреквенцијата на звукот. Но, она што најмногу ги изненади научниците е промената за време на затоплувањето коешто се случило во јануари 2016 година. Висината на тонот значително паднала во овој период, што е протолкувано како показател за топење на делови од површинскиот снег и мраз, бидејќи на овој начин се успорило ширењето на сеизмичките бранови низ фернот. Она што е најбитно е што тонот не се вратил на иста висина по заладувањето коешто уследило, што е знак дека настанале трајни промени во структурата на површинскот снег и мраз.