Накратко – ништо добро! Летањето на дрон во близина на аеродром е многу, ама навистина многу, лоша идеја. Неодамнешниот опит на американските инженери штотуку и покажа за колку лоша идеја се работи. Имено, при нивниот експеримент тие урнисаа дрон во крилото на авион, за да ги испитаат последиците од ударот.
Тестовите ги направи Лабораторијата за физика на удари при Универзитетот на Дејтон, во Охајо, САД. Со нив се симулираше судар во воздух помеѓу често продаван модел на дрон и крилото на лесниот авион Mooney M20. При судирот дронот предизвикал далеку поголема штета од очекуваното.
Резултатите биле презентирани на неодамнешниот Академски собир за беспилотни системи одржан на Државниот универзитет на Охајо, од страна на Кевин Пормен, инженерот под чие водство е спроведен тестот. На видеото што може да го погледнете подолу, јасно се гледа дека дронот не се распаѓа при првиот удар. Тој останува во една целина и го раскинува нападниот раб од крилото, навлегувајќи длабоко во него и оштетувајќи го костурот на структурната решетка.
Дронот удрил во крилото со брзина од 380 km/h. Брзината на патничкиот авион при финалниот пристап на аеродромската писта е околу 290 km/h, додека брзината на најчесто продаваните дронови изнесува околу 80 km/h. Ова значи дека Пормен и неговите колеги симулирале удар којшто одговара на реалните услови.
Експериментот бил повторен со модел на птица, направена од гел, со иста тежина. Моделот бил упатен кон различен дел од крилото. Иако птицата направила поголема штета на нападната ивица од крилото, дронот продрел подлабоко, нанесувајќи структурни оштетувања коишто птицата не може да ги направи.
Резултатите се поттикнати од сериозната загриженост од летот на дронови во близина на авион во лет. Американците само во првото полугодие на 2018 пријавиле над 1200 инциденти на дронови коишто биле летани во близина на авиони и аеродроми, додека во Австралија минатата година биле пријавени околу 40-тина вакви случаи во близина на главните аеродроми во земјата.