Рубрика: Медицина
Аутизмот е последица на пестицидите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.10.2018 - 12:00

Озлогласениот пестицид ДДТ се посочува како можен поттикнувач на развојот на цел спектар од аутистични нарушувања, вели меѓународниот тим составен од епидемиолози и психијатри коишто ги следеле децата коишто биле изложени на оваа хемикалија уште додека биле во матката.

Наодите објавени во American Journal of Psychiatry го даваат првиот доказ за поврзаноста на оваа забранета хемикалија и невролошките состојби. Доказите се собрани од случаи каде директно било потврдено присуството на ДДТ во телото на мајката, додека претходните истражувања се потпираа на претпоставената изложеност којашто се пресметувала според местото на живеење на жената и неговата близина до област загадена со ДДТ.

ДДТ е создаден од хемичарите во 1874 година, но неговите својства на ефикасен инсектицид и подоцна широка примена во полјоделството почнуваат во 1939 година. Во следните неколку децении оваа хемикалија на големо се користеше за прскање на посевите ширум светот, а се употребуваше и за прскање на јавни простори и домови како ефикасно средство за дезинсекција.

Но по натрупивањето на низа докази за штетноста на ДДТ како за животните така и за луѓето, САД ја забранија неговата употреба во 1972 година а Европската Унија следеше со своја забрана дури во 1986 година. Оттогаш па сè до денес потврдено е дека ДДТ се акумулира и останува во екосистемите, а кога ќе се внесе во организмот преку храната или воздухот може да донесе до цела низа на репродуктивни проблеми, па се до развој на рак.

Со надеж дека ќе ја потврдат претходната работа, д-р Ален Браун и неговиот тим ги искористиле податоците од едно големо истражување во Финска спроведено на ниво на целата земја. При истражувањето, меѓу другото, биле земени примероци од крвен серум од повеќе од 1 милион бремени жени во периодот помеѓу 1987 и 2005 година. Субјектите на тековното истражување вклучиле 778 деца коишто во еден момент биле дијагностицирани со аутизам сè до 2007 година, но и 778 контролни деца коишто биле избрани со ист датум на раѓање, место на раѓање и место на живеење, во директна корелација еден наспрема еден со децата со аутизам.

Нивото на ДДТ во мајчиниот систем било количински утврдено преку лабораториски тест за ДДЕ, соединение коешто настанува по метаболизирањето на ДДТ.

Испитувањето на овие податоци открило дека можностите за аутистична состојба се 32% повисоки кај децата чиишто мајки имале нивоа на ДДЕ во 75 перцентили (од опсегот на концентрации детектиран кај мајките на сите субјекти). Бројката е добиена по статистичкото прилагодување за другите влијанија како возраста на мајката, семејната историја на психички нарушувања, бројот на браќа/сестри итн. Што е уште позашеметувачки, шансите за аутизам со интелектуална попреченост биле 121% поголеми ако кај мајката биле откриени нивоа на ДДЕ над споменатиот праг.

Истражувањето ги испитало и ризиците поврзани со класата индустриски хемикалии наречени полихлоринатски бифенили (ПХБ) коишто се забранети во САД од 1979 а во ЕУ од 1985 година, но за нив не била откриена врска со појавата на аутизам. Она што збунува е што едно претходно истражување од 2016 година тврди дека врска постои, а истовремено не пронашло доказ за поврзаност помеѓу ДДТ и аутизмот.

Се разбира, ДДТ не е единствениот отров во околината за којшто постои здраво сомнение дека поттикнува епигенетски промени за време на феталниот развој. Д-р Браун и неговиот тим се надеваат дека резултатите од нивното истражување ќе помогнат да се појасни кои хемикалии треба понатаму да се проучуваат зависно од нивното влијание на развојниот процес. И ДДТ и ПХБ влијаат на машките полови хормони уште во матката, и  тие се повеќе се врзуваат за појавата на аутизам, но двете соединенија имаат различно влијание. За ДДТ се знае дека го ограничува производството и функцијата на рецепторите кај овие хормони додека ПХБ го зголемува бројот на рецептори.

Клучни зборови: