Едно ново истражување ја открива тесната врска помеѓу чувството за мирис и нашата способност за навигација во просторот.
Неврологот Луиза Дамани и нејзините колеги побарале од 57 млади луѓе да се движат низ улиците на еден виртуелен град на компјутерскиот екран. Потоа секој од нив бил тестиран за да се одреди нивната брзина на просторно снаоѓање, односно успешноста од точка А да пристигнат во точка Б на виртуелниот град. На учесниците во истражувањето им била испитана и чувствителноста на нивниот нос, односно острината на сетилото за мирис. Ова било направено на тој начин што на младите им било дадено да мириснат намирисано стапче, по што било пабарано од четири понудени збора да го изберат оној што најверно го опишува мирисот. Постапката се повторувала 40-тина пати, со исто толку мириси. Овие две сосема различни задачи испорачале интересни резултати. Испитаниците коишто најдобро го опишале почувствуваниот мирис истовремено биле и најдобри навигатори!
Двете вештини научниците ги врзуваат со одредени точки во мозокот. Имено, левиот орбитофронтален кортекс и десниот хипокампус биле поголеми кај оние со подобар нос и подобри навигациски способности. Додека пределот на орбитофронталниот кортекс и претходно бил поврзан со сетилото за мирис, за хипокампусот се знае дека е вклучен во обата процеси, и кај просторната ориентација и кај мирисот. Деветмина од испитаниците коишто имале оштетен орбитофронтален кортекс имале проблеми и при навигацијата и при идентификацијата на мирисот.
Според една мирисно-просторна хипотеза (анг. olfactory spatial hypothesis), чувството за мирис веројатно еволуирало за да им помогне на луѓето за подобр да се снајдат во околината. Спроведеното истражување укажува дека некои специфични аспекти на чувството за мирис, како на пример “чувствителноста на носот” односно способноста да се забележат и најслабите мириси, најверојатно се тесно поврзани со способноста за навигација.
Истражувањето објавено во Nature Communications е спроведено во универзитетот Мекгил во Монтреал, Канада.