Еден нов вид микроскоп им овозможи на научниците спектакуларен 4D пренос “во живо” од развојот на жив ембрион на глушец. Во текот на првите критични 48 часа, тие можеа да го следат формирањето на цревата и почетокот на срцевата реакција, следејќи ја секоја ембрионална клетка и имајќи директен увид во насоката во којашто клетката продолжила да се развива, како и кои гени се вклучиле при овој процес.
Освен техничка вештина и визуелна возбудливост, преносот носи и еден битен белег. Имено, за првпат на ваков начин се добива директен увид во развојот на ембрионите на еден цицач. Досега најдетален поглед во развојот на ембрионите бил постигнат кај риби и инсекти.
Следењето е овозможено од пакет на алгоритми коишто помагаат во пресметките за следење на положбата и големината на ембрионот, како и за следење на начинот на којшто светлинските зраци минуваат низ примерокот, сè со цел да се овозможат што подетални слики.
Според Филип Келер, физичар и биолог при Медицинскиот институт Хауард Хјуз во Вирџинија, САД, крајниот резултат на оваа техника на снимање буквално овозможува на клеточно ниво да се добие “градежен план” за цел глушец.
Тој и неговите колеги го објавија овој проект во научното списанието Cell. Истовремено микроскопот, пресметковните алатки и сликовните податоци добиени при истражувањето се достапни јавно и бесплатно за сите заинтересирани.