Рубрика: Биологија
Зошто сибирската хаска има сини очи?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 10.10.2018 - 15:30

Генетската мутација “виновна” за карактеристичниот ледено-син поглед на оваа раса е лоцирана при досега најобемното истражување од ваков вид, барем кога се во прашање кучињата. Она што е интересно е дека генетското истражување е спроведено со податоците добиени со помош на ДНК тест-комплети за домашна употреба.

Зад истражувањето стојат Адам Бојко, Арон Семс и нивните колеги од биотехнолошката компанија за генетски истражувања Ембарк ветеринери од Бостон, Масачусетс во САД. Тие ги анализирале примероците од ДНК и другите информации собрани од сопствениците на над 3100 кучиња од различни раси. Сините очи кај повеќето раси се ретка појава, но кај 75% од животните со сини очи тимот открил удвоено парче од ДНК кај хромозомот 18.

Оваа ДНК секвенција, од друга страна, многу ретко се појавувала во геномот на кучињата со кафени очи. Удвојувањето е регистрирано во близина на генот ALX4, којшто е битен при развојот на очите кај цицачите. Дополнителните анализи направени кај уште приближно 3000 кучиња ја потврдиле силната врска меѓу оваа мутација и сините очи.

Кај сибирската хаска, само една копија од удвоеното парче била доволна за да даде сина боја на очите кај најголем дел од кучињата од оваа раса. Кај другите раси, пак, животните со само една копија од удвоеното парче повторно имале кафени очи. Ова укажува дека за оваа мутација да стане доминантна при одредувањето на бојата на очите кај кучето, улога играат и другите генетски фактори.

Трудот е објавен минатата недела, во научното списание PLOS genetics

Клучни зборови: