Научниците многу ретко впловуваат во политичките води на секојдневието, а речиси никогаш се залагаат за верувања што не можат емпириски да се докажат. Во таа насока во продолжение ви пренесуваме неколку извонредни мисли, изјави и ставови од повеќе великани на науката.
• Алберт Ајнштајн (Albert Einstein, 1879 – 1955 г.), теоретичар и физичар, општопознат како автор на Општата теорија за релативитетот и равенката на векот E = m · c2. На малкумина им е познато дека во 1952 година нему му беше понудена титулата претседател на Израел, но тој ја одби, коментирајќи:”Равенките ми се поважни од политиката, бидејќи политиката е за сегашноста, а равенките се нешто за вечноста!”
• Анри Поанкаре (Henri Poincaré, 1854 – 1912 г.), француски математичар, физичар и инженер, општопознат по неговите околу 500 објавени научни трудови со голем придонес за развој на теоријата на т.н. “автоморфни функции”, при што во детали ги истражил диференцијалните равенки. Тој кажал: “Убавината на математиката можеби е тешко да се дефинира, но таа е еднакво стварна како и секој друг вид убавина. Имено, таа не се дефинира, туку таа се препознава тогаш кога ќе ја почувствувате!”
• Стивен Хокинг (Stephen Hawking, 1942 – 2018 г.), англиски теоретски физичар, познат по неговиот теоретски придонес во проучување на “црните дупки”. Имено, тој ја предвидел радијацијата што тие ја емитуваат, а којашто нив ги турка во ентропија (разградување). Таа радијција во негова чест е наречена “Хокингова радијација”. Хокинг кажал: “Во XIX и XX век науката стана премногу техничка и математичка за философите, па тие го редуцирале кругот на нивната дејност толку многу, што досега најславниот философ Лудвиг Видгенштајн (1889 – 1955), признал дека философијата во наведените два последни века е сведена само на анализа на јазиците! Каков пад на големата традиција на философијата од времињата на Аристотел до Кант!”
• Стивен Вајнберг (Steven Weinberg, 1933 г.), американски теоретски физичар, носител на Нобеловата награда за физика за откритието на обединувачка теорија помеѓу слабата нуклеарна и електромагнетската сила, рекол: “Незнам никого кој тврди дека знае научен доказ за постоење на некое божјо суштество... Кога ќе видите како научниците во лабораторија многу пати го проверуваат нивното уверување за нешто, што може експериментално да се провери, како тогаш можете да верувате на верските преданија во кои со крајна категоричност се зборува за работи надвор од секое човечко искуство!?”
• Јоахим Илиес (Joachim Illies, 1925 – 1982 г.), германски биолог, осoбeно експониран со неговиот став во врска со дилемата за евентуално постоење на живот надвор од нашата Земја, своевремено кажал: “Постоењето на услови за живот некаде надвор од Земјата, не значи дека таму тој неминовно мора да се појави... Пописот на енигмите за природата на светот според својата суштина нема никаква доказна сила во прилог на постоење на виши сили, како што тоа некои го толкуваат, туку само го покажува тоа што на научниците им е ионака познато, дека рационалното, каузално објаснување на природата на светот сè уште не е завршено!”
• Ернст Штилингер (Ernst Stűhlinger, 1913 – 2008 г.), германскo-американски атомски, електро и ракетен научник, кажал: “Науката е дејност што го открива знаењето, таа признава само такво знаење коешто може да поднесе реална критика. Патот до знаењето е долг и тежок, а до верувањето е краток и лесен!”
• Карл Попер (Karl Raimond Popper, 1902 – 1994 г.), британски философ, своевремено кажал: “Не знам ниту за една војна којашто е водена поради различни научни убедувања помеѓу научниците!”, алудирајќи на верските војни.
• Херман Дабелштајн (Hermann Dabbelstein), германски психијатар, познат по неговата анализа на медицинските проблеми во врска со евентуалните идни долготрајни вселенски патувања, кажал: “Никогаш досега не е остварен никаков технички напредок спротивен на постоечките природни физички закони!”
Ете, запознавме поучни научни мудрости и ставови, и со тоа ќе го завршиме нашето излагање!