Рубрика: Астрономија и астронаутика
Мистеријата на сатурновото деноноќие
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.10.2018 - 10:15

Веќе децении наназад научниците ги мачи една навидум едноставна мистерија: Колку трае денот на Сатурн? Кај карпестите планети од внатрешниот Сончев систем, брзината на ротацијата се мери со едноставно следење на објектите од нивната површина при вртењето. Кај гасните џинови, како Јупитер и Сатурн, работите не се толку едноставни, поради постојано променливите гасни текови.

За да го надминат овој проблем, научниците се свртеа кон мерењата на специфичните радиобранови што ги создава магнетното поле на секоја планета. На Јупитер, Уран и Нептун, оската на магнетното поле отстапува од оската на ротација на планетата. Со “танцот” на оските една околу друга се создава предвидлива шема на радиобранови што го маркира почетокот на секој ден.

Но, на Сатрун двете оски се поставени речиси во иста линија, па споменатата метода не дава постојано ист резултат. Така, на почетокот на ’80 години од минатиот век, вселенското летало Војаџер го процени времетрањето на денот на Сатурн на 10 часа и 39 минути. Од друга страна, Касини, којшто во орбитата на Сатурн пристигна пред нешто повеќе од една деценија, должината на денот ја процени на 10 часа и 45 минути, а по оваа првична проценка и оваа бројка постојано се менуваше.

Минатата година, при завршувањето на мисијата вселенското летало Касини се нурна помеѓу прстените и планетата, за конечно да испари некаде низ густите слоеви гас на Сатурн. Научниците се надеваа дека овој конечен пристап ќе можат да го искористат за нови мерења на магнетното поле со коишто конечно ќе можат да ја разрешат мистеријата на траењето на денот на Сатурн. Тие очекуваа дека блиската перспектива ќе овозможи да ги издвојат сигналите што потекнуваат од атмосферата на планетата од оние што потекнуваат од внатрешниот густ слој од метален водород за којшто се смета дека е извор на магнетното поле на планетата.

Но, се чини дека Сатурн не е расположен за лесно откривање на неговите тајни. Во трудот објавен оваа недела во Science, тимот на Касини открива дека и со досега најточно направените мерења на Сатурновото магнетно поле каде се открива дека аголот помеѓу оските на ротација и на магнетното поле е помал од 0,0095°, сепак точниот наклон останува непознат. Поставеноста на двете оски во речиси иста линија досега оневозможуваше попрецизно мерење на должината на денот на планетата. Но, истовремено укажа на една уште подлабока мистерија – планетарните динамоа, каде се генерира магнетното поле на една планета, за да може да функционираат имаат потреба од аголна разлика при поставеноста на оските на ротација и на магнетното поле. Но, имајќи ја предвид Сатурновата речиси совршена симетрија, се поставува прашањето за потеклото на магнетното поле на оваа планета.

 

* За тие што не го владеат англискиот јазик, каналот нуди опција за автоматски, машински превод на видеото. Процедурата за вклучување е следна – кликнете врз иконата Settings (запченикот во долниот десен агол) и изберете ја опцијата Subtitles/CC. По ова изберете Auto-translate и од листата со понудени јазици изберете Macedonian.

Колку точно трае едно деноноќие на Сатурн?
Клучни зборови: