Книгата “Како летаат авионите“, на авторот Ѓорги Чачкиров, промовирана оваа година, претставува единствено дело од ваков вид во нашава Република. Би ја сместиле во групата на едукативно-популарна литература преку којашто сообраќајната авијација се доближува до пошироката популација, а особено кон оние кои патуваат со авион. Иако, наизглед, има стручен наслов, во неа на едноставен и популарен начин се објаснети повеќе теми и субјекти кои учествуваат во реализација на цивилните комерцијални летови. Директно и на непосреден начин се објаснува како летаат авионите, кој и како ги управува, нивната конструкција и изградба, ракување со инструментите и опремата, нивно одржување, стравот од летање, однесување на патниците во и вон авионот, но и нивните права и обврски.
Покрај тоа, посочени се и директните и индиректни субјекти кои учествуваат во непосредната реализација на летовите. Меѓу нив се аеродромите, контролите на летање, меѓународните и домашните правни регулатори и останатите организации во оваа сфера. Сите тие се дел од мрежата којашто воздушниот сообраќај го става на врвното место, според безбедноста, во сферата на сообраќајот воопшто. Оттука, со извлечени поуки, полека се извлекува или се лекува стравот од летањето, односно патувањето со авион.
Преку сите овие посочени теми, авторот го води читателот, идниот патник, во воздушниот сообраќај, до ниво на стекнување сопствени сознанија за начинот на реализацијата на непосредните летови, за обврските на сите субјекти кои учествуваат во нив, но и до создавање на сопствена култура за патување со авион. И се чини дека токму тука е ставен главниот акцент.
Покрај изнесеното, авторот се потрудил да употребува целосно македонска терминологија којашто оди во прилог и на медиумите кои говорат или пишуваат од оваа област. Со тоа се создава едно заокружено четиво со коешто се збогатуваат нашите воздухопловни сознанија.
Ѓорги Чачкиров е роден во Скопје. Од своите најрани години има зачекорено низ лавиринтите на македонското воздухопловство, од моделарство, преку едриличарство и моторно летање, до наставник за обука на пилоти и раководител на повеќе воздухопловни субјекти во Македонија. Тој е врвен моделар и иструктор по моделарство, сообраќаен инженер, професионален пилот, наставник по моторно летање, а во неговото професионално портфолио се вбројуваат и едни од најодговорните функции во цивилното воздухопловство Република Македонија – Чачкиров е поранешен генерален секретар на Воздухопловниот сојуз на Македонија, поранешен директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, и некогашен директор на летачката оператива во авиокомпаниите “Палер Македонија” и “Македонски Авиотранспорт”.
Како дел од цивилната авијација дочека и пензионирање. Првата своја книга, која воедно беше и прва воздухопловна литература на македонски јазик, ја има напишано во дамнешната 1981 година со наслов “Воздухопловно моделарство”. Потоа, следеа и други негови книги кои го збогатуваа фондот на македонската воздухопловна литература.
Како летаат авионите од Ѓорѓи Чачкиров од понеделник, 1. октомври, е достапна и во нашата е-продавница (тука) од каде може да ја набавите по популарна цена од 350 денари.