МАСИТ по петнаесетти пат традиционално ја организираше својата годишна конференција, како успешен собир на сите ИКТ чинители од земјата и од регионот. Оваа година, тема на конференцијата беше дигитализацијата, или “Дигитална трансформација во Македонија, предизвик или реалност?”. Конференцијата се одржа во хотелот Александар Палас.
Овогодишната, петнаесетта конференција на МАСИТ ја отворија Анита Никова, извршен директор на МАСИТ, Горан Попоски, претседател на Управниот одбор на МАСИТ, по што свое обраќање пред присутните имаа Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација и Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија. Во овој воведен дел беше истакната улогата на дигитализацијата како средство коешто во многу сегменти ќе им го олесни животот на граѓаните, а акцент беше ставен на предизвиците за реализација на овој подвиг, од првичната трансформација на начин на размислување до економската поддршка за реализација на проекти со конкретни решенија коишто овој проект ќе го претворат во реалност. Воведниот дел го затвори Франк Зервос, директор за продажба и консалтинг на компанијата Оракл, за Централна и Источна Европа. Тој во своето излагање со наслов “Дигитална дисрупција и иновација – иднината е сега" говореше за патот кон дигитализација на општеството, како и за алатките што ги нуди Оракл за поддршка на вистинските решенија во дигитализацијата.
По овој дел на “загревање”, се премина на нешто поконкретни теми. Вториот дел од конференцијата се однесуваше на директните и реални решенија во веќе толку зборуваната и разглобувана тема на Интернетот на нештата. Интернетот на нештата (IoT) којшто покрива толку многу работи, од поврзувањето на предметите во домаќинството, па сè до концептот за развој на паметни градови, веќе одамна е излитена тема, но со оглед на тоа што како и во сите работи кај нас се каска со напредокот во поврзаноста и поврзливоста, решенијата не се на одмет. Особено ако има конкретни решенија кои можат да ги забрзаат нештата за да фатиме чекор со остатокот од Европа, па барем во поглед на дигитализацијата на општеството. Теди Цоневски од Неотел ги претстави решенијата на оваа компанија за развој на сервиси за паметно домување, поврзувањето на домот со неговиот сопственик и хардверските предизвици. По него следеше Томаш Чиборек од АССЕКО СЕЕ, чиешто излагање на тема “паметни градови“ со помош на платформата Метрополис од оваа компанија, побуди особен интерес.
Темата на ИоТ ја затвори Петар Петровски со “Апликација на машинско учење во индустриски IoT”.
На ИоТ сегментот, природно се надоврза темата за безбедноста во целосно дигитализираниот свет, како и клауд компјутингот како алатка за реализација на ова поврзување. Во овој сегмент се даде преглед на реалните решенија за зголемување на кибер-безбедноста, услугите на облакот што ги овозможуваат решенијата за дигитална трансформација и досегашните искуства на нашите компании во овој сегмент.
Сè на сè, оваа конференција ја истакна употребата на конструктивни решенија за здрава и ефикасна дигитализација на сите бизнис и општествени процеси како клучни алатки за подобрување на животот на граѓаните во сите сегменти.
Конференцијата по обем беше најмасовна досега и ги обедини највлијателните имиња од ИКТ индустријата од земјава и од странство.