Ви текнува на онаа препорака за еден аспирин дневно како превенција за кардиоваскуларни болести кај повозрасните? Хм... Излезе дека и не е баш точна.
Новите истражувања објавени во New England Journal of Medicine (тука, тука и тука) укажуваат дека не само што придобивките на секојдневното пиење аспирин се речиси ништовни, туку дека оваа “навика” може да биде и штетна.
Препораката дека секојдневното пиење аспиририн во мали дози може да го намали ризикот од срцеви напади и мозочни удари беше усвоена одамна. Но, почнувајќи од 2010 година, Џон Мекнил и неговите колеги од Универзитетот Монеш во Мелбурн Австралија, спроведоа обемно истражување за да се утврдат реалните придобивки од оваа навика. Во клиничките испитувања спроведени во САД и во Австралија, учество зеле 19114 здрави луѓе на возраст од 65 години и постари. Истражувачите по случаен избор на половина од оваа група им препишале секојдневна терапија со ниска доза на аспирин, додека на другата половина им била дадена плацебо терапија.
Кристалите од аспирин се главниот виновник за потенцијална појава на обилни крварења кај повозрасните
Речиси пет години подоцна, тимот открил дека споредено со луѓето од контролната група, луѓето коишто секојдневно земале аспирин имале поголеми шанси да развијат тешка хеморагија, а исто така и процентот на починати од рак кај нив бил поголем. Она најинтересното е што оние кои секојдневно земале аспирин имале приближно иста стапка на развој на нови кардиоваскуларни болести како и луѓето од плацебо групата.
Резултатот од испитувањата ги изненадил истражувачите, со оглед на тоа што претходните истражувања ја поткрепувале заштитната улога на аспиринот кога се во прашање кардиоваскуларните заболувања кај пациентите со висок ризик. Токму поради ова, тие препорачуваат дека се потребни понатамошни истражувања коишто ќе дадат поисцрпни податоци за дејството на аспиринот и за неговата секојдневна употреба.