Научниците од Универзитетот Дрексел во Филаделфија претставија нов дизајн на лесни, флексибилни антени, направени од метални 2Д-материјали, коишто еден ден би можеле да се употребат за поврзување на апаратите во домаќинство и уредите за носење со интернет-мрежата. Новиот дизајн е опишан во интернет-изданието на Science Advances од 21 септември.
Истражувачите ги создадоа антените користејќи мастило на база на вода, во чијшто состав има и прав од титаниум карбид. Мастилото може да се пренесе / аплицира врз различни материјали со прскање, со четка или, пак, да се отпечати, зависно од тоа дали се работи за хартија, стакло или ткаенина, но може и да се обликува во тенки филмови, без да се нанесува на друг материјал.
Инженерот од областа на материјали Јуриј Гогоци и неговите колеги од Универзитетот Дрексел создадоа свитливи радиоантени со нанесување на тенки филмови од титаниум карбид врз листови од полиестер. Филмовите биле дебели од 62 нанометри до 8 микрометри, што е приближно колку и големината на црвените крвни клетки кај човекот. При должина на филмот од околу 6 сантиметри, антените можат да испраќаат и да примаат радиосигнали на 2,4 гигахерци, фреквенција што најчесто се користи при Wi-Fi и Bluetooth комуникациите.
Тимот на Гогоци, исто така, користел филмови од титаниум карбид за креирање радиофреквенциски ознаки (тагови) за идентификација, налик на таговите за спречување кражба на робата во стоковните куќи. Овие супертенки идентификациски ознаки можат да бидат скенирани на оддалеченост до осум метри.