Во времето на загриженост поради постојаното зголемување на температурата и глобалното затоплување на климата на Земјата, коешто води кон пустинска клима, група британски и руски научници објавиле дека во следната декада, Земјата треба да влезе во “мини-ледено доба” (Mini Ice age), како последица на претстојното привремено поголемо опаѓање на сончевата радијациска активност.
Да објасниме, познато е дека сончевата активност има циклусен тек со просечна периода од 11 години, со наизменична периодична промена на неговата магнетска и светлинска активност. Таа варира меѓу најголема активност – сончев максимум и најмала активност – сончев минимум. Овие промени се поврзани со неколку фактори: периодична промена на бројот и на локацијата на сончевите дамки, промени во составот на сончевата атмосфера, промени на амплитудата на некои фреквенции во опсегот на сончевото зрачење итн.
Сега доаѓа најбитното. Повремено се случува некој од наведените фактори да претрпи поголема промена од вообичаената, а тоа резултира со поголемо опаѓање на сончевата активност од просечното опаѓање во редовните 11 годишни циклуси. Овој феномен космолозите го нарекле сончев голем минимум. Таков минимум е забележан последен пат во средината на 17 век, во периодот меѓу 1646 и 1715 година и познат е под називот Мондеров минимум (Maunder Minimum), наречен според имињата на двајца астрономи од тоа време, Ени Мондер (Anne Maunder) и Едвард Мондер (Edward Maunder). Тогаш лондонската река Темза била целосно замрзната, а исто така и Балтичкото море, па познато е дека шведската армија поминала преку замрзнатиот Балтик во Данска, со која тогаш била во војна.
Смрзнатата Темза, дело на Ејбрахам Хондиус од 1677 година. Делото се наоѓа во Музејот на Лондон
Во најново време, група британски и руски научници, под раководство на проф. Валентина Заркова (Valentina Zharkova), од Универзитетот Нортумбрија (Northumbria University) во Њукасл, Велика Британија, излезе со предвидување дека таков сличен “сончев голем минимум” ќе се повтори во наредната декада. Имено, според пресметките, претстои поголемо привремено намалување на сончевата активност, за околу 7% во однос на намалувањето во време на редовните 11- годишни циклуси. Предвидувањето е математички пресметано врз основа на извесни зголемени отстапувања во интеракцијата меѓу два слоја од сончевата материја, која е поврзана со сончевата радијацијска активност. Тие отстапувања, споредени со расположливите податоци од сегашниот тековен циклус на сончевата активност, според научниците сугерираат дека претстои период со поголемо опаѓање на сончевата активност. Точниот датум на почетокот и крајот на претстоечкиот “сончев голем минимум” не е прецизно одреден. Меѓутоа, според процената опаѓањето ќе стартува од 2021 година, а максимумот ќе го достигне во 2030 година, и временски ќе трае околу три (3) редовни 11-годишни соларни циклуси, што значи дека вкупно ќе трае околу 33 години. Ова “сценарио” за претстојниот “сончев голем минимум” е објавено од страна на научната група минатата година, во списанието Astronomy & Geophysics, а е претставено и на собирот на британското Кралско астрономско друштво, одржан во градот Ландидно во Велс.
Циклична промена на сончевата радијација со периода од 11 години
Извесно е дека наведениот претстоечки феномен “сончев голем минимум” секако ќе предизвика извесно влијание врз климата на Земјата, но научниците не веруваат дека тоа ќе го надвладее трендот на постојано глобално затоплување што ја турка Земјата кон “градинарски стакленик”. Тие сметаат дека тоа само ќе го забави текот на натамошното затоплување, бидејќи нема да го намали постојаното штетно испуштање на јаглеродниот диоксид (CO2) во атмосферата. Впрочем, познато е дека последниот “сончев голем минимум”, што се случил во 17 век, предизвикал многу остри зими во Европа и во Северна Америка, но сепак немал забележливо влијание врз глобалната клима.