Рубрика: Медицина
Дебелината ја намалува моќта на расудување
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.09.2018 - 10:45

Едно истражување направено врз глувци дава увид во влијанието на дебелината на мозочните функции. Кај нервните клетки на дебелите глувци, одметнатите имуни клетки ги кинеле врските што се важни за процесот на учење и помнење, вели трудот објавен на 10 септември во Journal of Neuroscience. Лековите што го спречуваат уништувањето на синапсите може да се покажат корисни при заштитата на мозокот од нападот на имуните клетки.

Како и луѓето, глувците што јадат големи количества масти бргу ја зголемуваат својата телесна тежина. По 12-неделна диета богата со масти, глувците ја зголемиле својата телесна тежина за речиси 40%, споредено со глувците што добивале стандардна исхрана. Како што забалежале Елизабет Гоулд и нејзините колеги од Универзитетот Принстон, здебелените глувци покажале знаци на намалена моќ на расудување. Овие глувци потешко го наоѓале излезот од лавиринтот и имале проблеми да ја запомнат локацијата на објектите, споредено со глувците со нормална тежина.

Кај нервните клетки, микроскопските испапчувања наречени дендритски влакна имаат функција за прием на сигналите. Споредено со глувците со нормална тежина, дебелите глувци имале помал број дендритски влакна во неколку дела од хупокампусот, делот од мозокот којшто е важен за учењето и помнењето. Резултатите укажувале дека зад уништувањето на дендритските влакна стојат имуните клетки наречени микроглија. Кај дебелите глувци, поголем број микроглии се наоѓале помеѓу веќе проретчените нервни врски отколку кај глувците со нормална тежина. Кога истражувачите го попречиле влијанието на микроглиите кај дебелите глувци, дендритските влакна биле заштитени и глувците покажале подобрени резултати при решавањето проблеми.

Изнаоѓањето начин за спречување на штетното влијание на микроглија клетките еден ден може да се покаже корисно за спречување на мозочните проблеми предизвикани од зголемената тежина, проблем што според проценките, засега го имаат околу 650 милиони луѓе со зголемена тежина во светот. Луѓето со прекумерна тежина исто така имаат поголем ризик за развој на деменција и состојби како Алцхајмеровата болест. Некои истражувачи се сомневаат дека микроглијата можеби е главниот виновник за предизвикување на овие мозочни болести.

Клучни зборови:
Споредба на количината на дендритски влакна кај глушец со нормална тежина (горе) и глушец со прекумерна тежина (долу)

Споредба на количината на дендритски влакна кај глушец со нормална тежина (горе) и глушец со прекумерна тежина (долу)