Рубрика: Аеронаутика
Едрилици со кои се леташе во Македонија: ЖДРАЛ – KRANICH
Автори: Перица Поповски, Гоце Поповски
Објавено на 14.09.2018 - 11:30

Пилот на Ждрал пред полетување

Во периодот меѓу двете светски војни, Германија имаше забрана за градба на авиони и за развивање на авионската индустрија. Поради тоа, премина кон развој на едриличарството, со цел обука на поголем број пилоти. По постигнатите позитивни резултати со едноседни едрилици-лизгачи, се укажа потреба од двоседни едрилици со коишто би се продолжила обуката и би се подобрила на повисоко ниво. Се произведоа голем број модели, како во Германија така и во други земји. Но, сепак, едилицата Ждрал остави најсилна трага и долг период претставуваше летачка училница, како во светот така и кај нас во екс ЈУ и во Република Македонија.

Ждрал (германски Kranich), е двоседна едрилица на германскиот конструктор Ханс Јакобс (Hans Jacobs), од германската компанија ДФС. Едрилицата е конструирана 1935/36 година, врз основа на искуствата на едноседот Роншпербер (Rhönsperber). Иако беше двосед, летачките особини многу не заостануваа зад тогашните едноседи. Сепак, основната нејзина намена била обука на едриличари за високоспособно едрење и летање без надворешна видливост. Со таа едрилица биле постигнати многу светски рекорди од 1937 година, во разни дисциплини (прелет, висина и траење на лет). До избивањето на Втората светска војна, во 1938 година е постигнат рекорд во траење на лет од 50 часа и 15 минути. Сепак, конфигурацијата на кабината и сместувањето на пилотите биле компатибилни со тогаш произведените моторни ловечки авиони. Со тоа се овозможувало брза преобука од пилоти едриличари во пилоти на моторни авиони.

Во повоениот период, Југославија се стекнала со 2 едрилици од типот Краних како воен плен, а до плановите за производство се стигнало по основа на репарација, за едрилиците Ждрал, Ваја и Грунао Беби. Во фабриката “Утва“, во 1948 започнало сериско производство од 10 едрилици, а подоцна во Словенечката фабрика “Летов” до 1957 биле произведени уште 17 едрилици. Од тој произведен контингент, Македонија добила 2 едрилици од типот Ждрал. Едната била стационирана во Куманово, но таа при прелет за Битола, на просторот на Плетвар се откачила од авионот реморкер, при што едрилицата била сосема уништена, а пилотот Борис Паспаловски останал неповреден. Другата беше користена ширум РМ, по потреба, а во 1966 се прелета во Битола со цел да се врши напредна обука во едрење на кандидати едриличари и посебна обука за посебни овластувања, летање во сложени метео услови, без надворешна видливост.

Голем дел напредни едриличари кои ја усовршиле техниката на летање со едрилиците од типот Ждрал, биле испраќани во југословенските воздухопловни центри Рума и Вршац, учествувале на натпревари, а искуствата им ги пренеле на кандидати за едриличари во РМ по завршувањето на основната обука. На Сојузниот натпревар на едриличарите во Југославија одржан во 1951 година во Рума, македонските пилоти Славко Димитровски и Љубе Петковски, со двоседната едрилица Ждрал, во дисциплината прелет освоиле сребрен медал. Токму тој елемент обука со наставник во двоседа едрилица започна максимално да се користи од повеќе аспекти. Се подобри безбедноста на летањето, квалитетот на обучениот кадар и во иднина се направија напори да се изградат едрилици за основна обука во двоседи, тандем (еден зад друг).

Во музејот на Југословенското воздухопловство во Београд, Србија, се наоѓа сочуван примерок од едрилица Ждрал, под број YU-5014. Во Германија и во светот има голем број сочувани музејски примероци, но дел се репарирани, ревитализирани и се наоѓаат во летна состојба. Секоја година се одржуваат собири на такананаречени Vintage gleider, стари едрилици. Па, како член на таа фејсбук група имам постојан увид во бројот на репарирани и изградени по нацрт, нови реплики од едрилицата Ждрал. На крајот, морам да истакнам дека особено жалам што не ми се укажа можност да направам макар и еден лет, но ете, како сатисфакција пишувам со големо задоволство. Надворешниот изглед со галебово крило претставуваше нешто посебно, а пилотите кои ја летаа, особено наставниците беа воодушевени. Едноставно, во лет изгледаше особено елегантна и убава.


Термини и кратенки:

Тандем седишта – двајца пилоти еден зад друг, во принцип ученикот напред, а наставникот позади.

Галебово крило – поглед од предна перспектива во тој период се градеа едрилици со крила по изглед на галебови крила, со цел да се добие поголема стабилност во лет, но на штета на усложнување на градба на воздухопловите. Подоцна е преминато на преден поглед со V изглед.

Обука во услови на намалена видливост – всушност за таа намена се опремуваа едрилиците со инструмент, вештачки хоризонт, а обуката се состоеше во подготовка на едриличарите за летање во облаци, ноќе и при намалена видливост.

Технички карактеристики:
Технички карактеристики: 

Општи карактеристики

Екипаж: ученик, наставник

Должина: 7,70 m

Распон на крилата: 18,00 m

Виткост: 14,57

Аеропрофил: Gö 535

Површина на крилата: 22,70 m²

Маса: Празна: 285 kg / Максимална полетна: 495 kg

Оптoварување на крилата: 21,8 kg /m²

Перфоманси – летачки особини:

Финеса: 22,5 m

Минимално пропаѓање: 0,75 m/s при 51,5 km/h

Пропаѓање: 1,56 m/s при брзина од 100 km/h

 
Клучни зборови:
Пилот на Ждрал пред полетување

Пилот на Ждрал пред полетување

Едрилица Ждрал во лет

Едрилица Ждрал во лет

Ждрал на натпревар во Рума со Љубе Петковски и Славко димитровски

Ждрал на натпревар во Рума со Љубе Петковски и Славко димитровски

Скениран технички цртеж за едрилицата Ждрал – Kranich

Скениран технички цртеж за едрилицата Ждрал – Kranich

Дрвена конструкција на двоседна едрилица

Дрвена конструкција на двоседна едрилица

Знак за дозволен настап само на едрилици од дрвена конструкција – класична градба

Знак за дозволен настап само на едрилици од дрвена конструкција – класична градба