Понекогаш дури и најсериозните високобуџетни истражувачки проекти прават пауза за да создадат чиста уметност. Европската јужна опсерваторија – ЕСО, со седиште во Германија, го поседува совршениот уред за оваа намена, вграден во телескопот ВЛТ во Серо Парнал, лоциран во пустината Атакама во северниот дел на Чиле.
Оптичкиот инструмент FORS2 може да ги фотографира и блиските и далечните галаксии со повеќе методи на снимање, користејќи го широкиот опсег низ светлинските бранови подрачја. Во најголемиот дел од времето, инструментот се употребува за сериозни истражувања што ги спроведуваат астрофизичарите со пристап до просториите на ЕСО. Но, неодамна на инструментот му беше додадена уште една намена – Програмата за потрaга по “космички бисери”, или во оригинал Cosmic Gems Program (CGP)
CGP е во суштина опортунистички проект, чијашто цел е да ги искористи ретките можности кога атмосферските услови или други фактори спречуваат сериозно истражување. Во овие пригоди, ресурсите на ЕСО се употребуваат за откривање на убавината на космосот.
Најновиот производ на оваа програма се состои од серија слики на спиралната галаксија NGC 3981, сместена во соѕвездието Кратер, на оддалеченост од 65 милиони светлински години од нас.
Фотографиите јасно ги прикажуваат краците од спиралната галаксија, придружните потоци од прав и регионите на формирање нови ѕвезди, како и дискот од врели млади ѕвезди. Во срцето на галаксијата е сместена супермасивна црна дупка.