Нов шестоаголник се појави високо на небото над северниот пол на Сатурн.
Со промена на годишните времиња од пролет во лето на северната хемисфера на Сатурн, високо во стратосферата се појави нов шестоаголен вител. Изненадувачки, поларниот повеќеаголник се чини дека го отсликува познатиот шестоаголен циклон што се врти во облаците што се наоѓаат стотици километри подолу. Откритието е објавено на почетокот од овој месец во изданието на Nature Communications.
Кога вселенското летало Касини на НАСА пристигна во орбитата околу Сатурн во 2004 година, за време на летната сезона на јужната хемисфера, сондата забележа сличен вител во стратосферата над јужниот пол, но овој вител имал форма повеќе налик на обичен круг. Со постепената промена на летото во есен, вителот исчезнал.
Сега, планетарниот научник Ли Флечер (Leigh Fletcher) на Универзитетот во Лестер во Англија и неговите колеги, известуваат дека камерите и инструментите на Касини, за време на неговите последни години, фатиле и нов вител што растел на северниот пол од планетата. Потпирајќи се на атмосферските мапи направени во инфрацрвеното светлинско подрачје, тимот открил дека во периодот од 2014 до 2017 година над северниот пол почнала да се формира вител од топла воздушна маса. Ова и не претставувало некое особено изненадување, но шестостраната форма на вителот претставувала вистински шок.
Обликот укажува на тоа дека основниот шестоаголник некако ги контролира процесите во стратосферата. Разбирањето на оваа интеракција би можело да им помогне на истражувачите да сфатат како енергијата се движи наоколу и во другите планетарни атмосфери.
За жал, Касини веќе не е во орбитата за да им помогне. Минатата година тој се нурна кон површината на Сатурн. Но, новите моќни телескопи од површината на Земјата ќе го набљудуваат невремето за да видат како тоа се менува со промената на годишните времиња на Сатурн.
Инаку, имајќи предвид дека една година на Сатурн трае околу 30 години на Земјата, промената на годишните времиња на оваа планета трае навистина долго.