Рубрика: Медицина
Откриени микроскопски канали низ черепот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 07.09.2018 - 13:30

Черепот на глушецот е преплавен со микроскопски канали

Черепот го познаваме како цврста структура. Но, новите истражувања откриваат дека не е сè така како што изгледа. Научниците откриле дека канали од микроскопски размери ги испресекуваат коските на черепот, и кај луѓето и кај глувците.

Кај глувците, воспалителните имуни клетки ги користат овие претходно скриени канали за да се пробијат од коскената срцевина на черепот кон мозокот. Сè уште не е познато дали имуните клетки ги користат овие патеки низ черепот и кај луѓето. Ако е така, тогаш овие тунели претставуваат новооткриен начин преку којшто имуните клетки имаат пристап до мозокот каде може да предизвикаат воспаление.

Како и другите крвни клетки, имуните клетки се формираат во коските, вклучувајќи ги и оние во раката, ногата, карлицата и во черепот. Истражувачите инјектирале бои за следење во коскената срцевина во черепот, но и во другите коски на глувци, обележувајќи ги имуните клетки наречени неутрофили. По настанувањето на мозочен удар, неутрофилите се упатиле во групи кон мозокот. Наместо да доаѓаат рамномерно, од сите извори на коскена срцевина, како што мислеа некои научници, повеќето од овие реактивни клетки дошле од коскената срцевина на черепот.

За да го откријат патот на клетките од сржта на черепот до мозокот, истражувачите употребиле моќни микроскопи за да пронајдат каде черепот “се среќава” со мозокот. Тие откриле малечки протоци што минувале низ коската на черепот, поврзувајќи ја коскената срцевина од черепот со надворешната обвивка на мозокот. Кај глувците, неутрофилите ги користеле овие канали, во просек широки околу 22 микрометри, како кратки патеки за да стигнат до мозокот.

Слични канали постојат и во парчињата череп отстранети за време на операција на мозокот кај три лица. Кај луѓето, овие канали низ внатрешноста на черепот во просек биле широки 77 микрометри.

Истражувањето е објавено на 27 август во Nature Neuroscience.

Черепот на глушецот е преплавен со микроскопски канали

Черепот на глушецот е преплавен со микроскопски канали што ја поврзуваат коската со надворешната обвивка на мозокот. Слични канали се откриени и кај луѓето.

Микроскопските канали минуваат низ черепот – сина боја – на глушецот

Микроскопските канали минуваат низ черепот (сина боја) на глушецот, служејќи им на имуните клетки како премин од срцевината на черепот до надворешната мозочна обвивка.