Благодарение на моменталниот распоред на галаксиите, астрономите открија огромна емисија на гас од една прастара галаксија во којашто драматично се забавува стапката на формирање нови ѕвезди. Откритието објавено денес, во Science, фрла светлина врз формирањето ѕвезди во раниот универзум.
Далечната група ѕвезди, позната како SPT2319-55, е оддалечена повеќе од 12 милијарди светлосни години од Земјата, што значи дека истражувачите ја набљудуваат галаксијата каква што била кога универзумот бил стар само една милијарда години. Премногу далечните објекти вообичаено се пребледи за детални набљудувања, но гравитациските ефекти на една масивна галаксија помеѓу оваа ѕвездена група и Земјата ја прекршуваат светлината од SPT2319-55 како леќа, фокусирајќи ја светлината и интензивирајќи ги карактеристиките на набљудуваниот објект.
Кога астрономите ги прегледале брановите должини на коишто хидроксилните молекули во галаксијата ја апсорбираат светлината, тие забележале големо поместување – што бил знак дека огромно количество гас и прашина се исфрлаат од галаксијата со брзина до 800 километри во секунда. Овој одлив е последица од притисокот што во бранови се ослободува при експлозиите на голем број ѕвезди што умираат. Количината на овој материјал би била доволна за создавање на повеќе од 500 ѕвезди со големина на нашето Сонце, секоја година.
Бидејќи проценетата брзина на ослободување на гасот од SPT2319-55 е околу 650 километри во секунда, делови од тој гас и прашина, според истражувачите околу 10%, засекогаш ќе бидат изгубени во меѓугалактичкиот простор. Но, остатокот од гасот конечно ќе се врати во галаксијата, поттикнувајќи нови ѕвездени формации во неа, во текот на наредните десетици милиони години.