Без разлика дали се користат за избегнување удар или за пружање на јазикот за да се фати пленот, во животинското царство, брзите рефлекси се прашање на живот или смрт. Едно ново истражување, објавено во Proceedings of the Royal Society B, открива дека сите рефлекси не функционираат на ист начин. Покрупните животни имаат побавни реакции од поситните и поради тоа, тие се движат побавно од нивните можности.
Во поглед на рефлексите, несомнено е дека поголемите животни се малку побавни. Крупните животни имаат подолги неврони, а ова значи дека е потребно подолго време за сигналот да стигне од 'рбетот до мускулите на нозете, на пример. Но, овој проблем не е единствениот што влијае на брзината на рефлексите.
Во новото истражување, истражувачите се решиле поблиску да ги разгледаат и другите фактори, како, на пример, колку брзо мускулите можат да создадат сила. За оваа цел, тие ги проучиле претходно добиените резултати од други истражувања, каде што кај повеќе видови животни со различна големина била правена електрична стимулација на нервите и на мускулите. Тие, исто така, го разгледале и држењето на телото на овие цицачи, за да пресметаат колку се долги нивните исчекори и чекори, споредено со големина на нивното тело. Ова овозможило истражувачите да ја одредат релативната брзина на нивните рефлекси.
Со зголемувањето на корпулентноста, се зголемувало и вкупното време потребно за реакција на мускулите. Големите цицачи доживуваат доцнење од појавата на нервниот сигнал до движењето на мускулите. Доцнењето е повеќе од 15 пати подолго од она забележано кај поситните цицачи. Но, во однос на брзината на движењето на телото, доцнењето е само двојно подолго, што значи дека бавните сигнали се компензираат со побавно движење. Се работи за еден вид биолошко ограничување на брзината, коешто е неопходно за животното да може да ги контролира своите движења.