Новиот материјал којшто ја претвора светлината во топлина чека на примена во повеќе гранки – во авиоиндустријата би можел да се примени за обложување на критичните точки на кои се формира мраз на крилата, во архитектурата би можел да се примени при конструкцијата на покривите, во енергетиката за обложување делови од ветерните турбини, но и на одредени критични места од нафтените платформи. Примената изгледа извесна секаде каде што натрупувањето на мраз ја попречува нормалната функционалност.
Овој вид елиминатор на мраз (deicer), наречен фототермичка замка, има три слоја. На врвот има облога – мешавина од керамика и метал, којашто ја претвора светлината во топлинска енергија. Средишниот слој од алуминиум ја шири топлината вдолж целата површина, затоплувајќи ги и деловите до коишто не допира светлина. Двата претходни слоја се врзани на основата којашто е слој од изолациска пена. Фототермичката замка е подеднакво ефикасна и со сончева светлина и со светлина од вештачки извори, на пример, од ЛЕД светлосен извор.
При првичните тестови, на просечна надворешна температура од -3,5°C, температурата во фототермичката замка изнесувала 30°C, додека парчето алуминиум коешто било поставено за споредба до замката, се загреало, сè на сè, едвај 6°C. По пет минути, снегот на површината од фототермичката замка во најголем дел се стопил, додека снегот над парчето алуминиум останал натрупан врз материјалот.
Површините за отстранување на мразот најчесто се врзани со системи за затопување или, пак, за оваа намена се употребуваат хемикалии за одмрзнување коишто се штетни за околината. Искористувањето на светлината за топење на мразот е начин којшто на долги патеки е одржлив, евтин и не ја загрозува околината.
Откритието е објавено на 31 август во списанието Science Advances.