Во 2005 година Воздухопловната федерација на Република Македонија на свечен начин ја одбележа 50-годишнината од градбата на првата македонска едрилица со високи способности, Илинденка. Но, ако 1955 година беше значајна по тоа што се изгради и го направи првиот лет, 1956 година е за одбележување затоа што за прв пат беше успешно промовирана на европското првенство во Полска.
Голем удел за резултатите кои биле постигнати имал тогашниот управник на воздухопловната школа, г. Илија Обочки, во придружба на еден од главните иницијатори за градба на оваа едрилица, Љубомир Тевчев. Самата замисла да се изгради една таква едрилица во тоа време и со таа технологија била рамна на подвиг.
Во бившо-југословенските простори веќе биле изградени едрилици од отворена класа, Орао 1, Орао 2Ц, Метеор, веќе докажани на врвни светски натпревари и биле врв на технологијата. Она што недостасувало била конструкција и градба на едрилици од стандардна класа. За тоа била потребна квалитетна работилница, па за таа задача била избрана работилницата “20 Мај” која подоцна била преименувана во “Алумина”. Конструктор на оваа едрилица бил Мишо Илиќ, кој ги употребил сите свои знаења и умеења, но и искуства од градбата на претходните едрилици.
Илинденка во лет
Крилата имаат класична дрвена конструкција со два профили Gö-549 и Cagi–731 M, со графичка или аналитичка интерполација. Овој начин дава можност за употреба на два сосема различни аеропрофили на едно крило. Напред првата третина се состоеше од торзиона кутија изработена од ребра, поврзани со квалитетна едноделна ламинирана обвиткана со трослоен авиошпер што продолжуваше со ребра до излезниот раб, олеснети и работени рачно за левото и десното крило поединечно. Задниот дел беше обвиткан со памучно платно лепено со квалитетно двокомпонентно лепило Резерцин. На истиот начин, со мали измени, беа изработени хоризонталниот и вертикалниот стабилизатор.
Трупот исто така беше со класична конструкција за високоспособни едрилици - дрвени олеснети ребра во елиптичен изглед и поврзани со раменици. Целата конструкција беше обвиткана со авиошпер. Сите површини беа лакирани и обоени со нитро лак и нитро боја.
Подвозот се состоеше од скија изработена од квалитетно јасеново дрво со гумени амортизери, а обвиткани со платно заради намалување на воздушниот отпор. Имаше кабина од фиберстакло со метална рамка која се ставаше со помошник, бидејќи потоа се затвораше одвнатре, односно пилотот ја забравуваше и по потреба можеше да ја отвори или отфрли - што не се случи ниту на еден примерок!
Колку што сум запознаен беа изработени 4 од кои 2 во Македонија и 2 останаа во тогашниот воздухопловен центар Вршац за учество на меѓународни натпревари.
За прв пат во живо ја видов на едриличарската база во Битола 1966 година, кога беше прелетана од Скопје со цел да се подготвуваат идните генерации на натпреварувачи во овој спорт.
Илија Обочки и Љубомир Тевчев пред заминување во Полска
Вршејќи ја нашата редовна обука, секој момент го поминував набљудувајќи ја таа прекрасна градба не сфаќајки за каков квалитет се работи. Тогашниот управник на воздухопловната школа од Скопје, Ѓорѓи Тосков – Жоро, постојано ја надградуваше со дополнителни инструменти, а особено со т.н. “вештачки хоризонт” за летање во облаци. Имаше толку љубов и желба да лета со неа, така што по работата со групата почетници која траеше од 4 наутро до 9, не му пречеше да влезе во Илинденката и да направи некој прелет, а секако не изостануваа и повремени акробации.
Крајот на едрилицата Илинденка беше жалосен. Дојде забрана за летање поради старост или налетани часови, а потоа се препушти на забот на времето, надвор од хангарот во Битола и послужи како извор на материјал за градба на воздухопловни модели. Токму во тие моменти се запознав со сите елементи на градба на Илинденката. Колку што сега сум запознаен, еден примерок има во музејот на авијацијата на аеродромот во Сурчин.
Поопширен напис за оваа едрилица е објавен во ЕМИТЕР 4/2006 – "Илинденка - прва македонска едрилица со високи способности"