Графенот, материјал којшто со своите извонредни својства наоѓа сè поголема примена, сега може да се произведува и во обична микробранова печка, преку процес сличен на начинот на формирање на снегулките.
Графенот се формира со врзување на јаглеродни атоми во решетка дебела колку еден атом. Материјалот има својства на хиперспроводливост, а истовремено е и засега најцврстиот материјал што го познаваме. Но, производството на големи количества графен е тешко и скапо.
Екипата предводена од Џин Жанг (Jin Zhang) на Пекиншкиот универзитет и Јинџинг Жанг (Yingying Zhang) на Универзитетот Цинхуа, користела микробранова печка за загревање на цевка со силициум диоксид и силициум, притоа создавајќи плазма (топол, наелектризиран гас) на температура од повеќе од 700 ºC. Кога истражувачите додале метан, дел од плазмата се распаднал, а јаглеродот којшто се ослободил при распадот на метанот формирал графен.
Во процес сличен на растот на кристалите од мраз при формирањето на снегулка, делчињата од графен формирале листови. Како што плазмата се поместувала, листовите од графен, налик на снегулки паѓале нежно на површината.
Графенскиот “снег” се “натрупал” во вид на флексибилна површина и формирал графенски "снежен брег". Од него, тимот направил сензор, со кој го измериле површинскиот напон при примена на сила на површината.
Трудот е објавен овој месец, во списанието Advanced Materials.