Рубрика: Биологија
Како афионот ja доби моќта за елиминирање на болката
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 31.08.2018 - 12:45

Удвоените гени му помогнале на растението да развие молекули налик на морфинот, така барем може да се заклучи од грубиот нацрт на гените на афионот којшто го направила екипата од Универзитетот Џиаотонг во Кина.

Научниците го исцртале геномот на афионот (papaver somniferum), во којшто успеале да идентификуваат група од 15 блиску поврзани гени што му помагаат на растението да ја синтетизира групата хемиски поврзани соединенија кои вклучуваат моќни елиминатори на болки, каков што е морфинот, но и други молекули што можеби имаат лековити својства.

Групата гени што му помагаат на афионот да ги создава некои од овие молекули, познати како бенкилизохинолински алкалоиди, биле групирани заедно пред десетици милиони години. Но, способноста на растението да синтетизира морфин еволуирала неодамна, поточно пред околу 7,8 милиони години, кога растението го копира целиот геном. Некои од вишокот добиени гени ја развиле новата улога, што му помагнало на афионот да создаде морфин, бидејќи растението сега имало барем уште една копија од истите гени што биле задолжени за извршување на редовните задачи.

Сепак, не се работи за процес што се случил одеднаш. Некое друго, претходно удвојување на гените предизвикало спојување на други два гена во еден. Овој хибриден ген е одговорен за клучната промена на алкалоидната претходница, насочувајќи ги тие молекули кон создавање на соединенија налик на морфинот, наместо кон други бензилизохинолински алкалоиди.

Целосниот труд е достапен во списанието Science.

Клучни зборови: