Студените точки се жешка тема во конформалната циклична космологија. Космолозите велат дека откриле остатоци од претходниот универзум, во облик на жешки точки во генерално ладното, космичко заднинско микробраново зрачење (КЗМБ). Откритието оди во прилог на контроверзната теорија на конформалната циклична космологија, или КЦК, која предлага дека нашиот универзум е само еден од последователно многуте, изграден од остатоците на некој претходен универзум во Биг-Бенгот којшто се случил пред 13,6 милијарди години.
Теоријата го опишува вечниот циклус на Биг-Бенг настани, коишто постојано се повторуваат, при што крајот на нашиот значи зачеток на нов универзум.
Тимот предводен од Роџер Пенроуз, поранешен соработник на покојниот Стивен Хокинг, во новиот труд закачен на серверот за претпечат arXiv, тврди дека нашол знаци за таканаречените Хокингови точки, коишто претставуваат аномалии со високоенергетски карактеристики во КЗМБ. Пенроуз и неговите колеги велат дека овие аномалии се последица од последните моменти на црните дупки (од претходниот универзум) коишто испариле при т.н. Хокингово зрачење. Иако црните дупки се познати по тоа што не испуштаат никаква светлина, Хокинг предложил можност, со помош на квантните механички ефекти, секоја црна дупка полека да се намалува и да згаснува, губејќи ја својата енергија преку Хокинговата радијација.
"Овој изблик на енергија од сега распаднатата црна дупка брзо се шири во нашиот новоформиран универзум, оставајќи топла централна точка во студениот регион околу неа", вели астрономот Ален Дафи од австралискиот Универзитет Свинбурн.
"Со други зборови, идејата е дека во КЗМБ би можеле да бараме ехо од претходниот универзум".
Конформалната циклична космологија е во судир со сегашниот стандарден модел којшто ја објаснува еволуцијата на универзумот.
"За разлика од претходните циклични модели на универзумот, во овој не постои моментот на "Големото собирање", кога сè повторно се собира заедно, на едно место", објаснува Дафи. "Наместо тоа, КЦК ја поврзува сличноста на сегашната забрзана експанзија на универзумот, со темната енергија и со раното проширување на инфлацијата во Биг-Бенгот".
Иако, математички, двете епохи на експанзија се слични, не се сите космолози убедени дека Биг-Бенгот води кон друг Биг-Бенг во идниот празен универзум. Резултатите на Пенроуз и неговите колеги најверојатно ќе бидат пречекани со скептицизам од многумина мејнстрим космолози.
Пенроуз за првпат тврдеше дека ги открил Хокинговите точки уште во 2010 година. Другите истражувачи го урнисаа неговото тврдење, подвлекувајќи дека неговите откритија не претставуваат ништо повеќе од случаен шум којшто е присутен во податоците.