Најголемото масовно изумирање на живиот свет досега, настан познат и како Големото изумирање, најверојатно започнало како последица на ослободувањето на гасовите заробени во Земјината кора.
Пред околу 252 милиони години, огромни количини лава се излиле од вулканите во Сибир, а заедно со нив биле ослободени големи количества хлор и бром. Овие високореактивни елементи многу брзо преоѓаат во гасовита состојба и како такви се ослободуваат во атмосферата. Гасовите во голем дел, а можеби и целосно ја уништиле озонската обвивка, со што овозможиле опасно големи количини на ултравиолетово зрачење да допрат до површината на Земјата. Како резултат на овој настан, повеќе од 90% од сите морски видови изумреле. Настанот го добил името Големото изумирање.
Научниците не можеа да го посочат точниот извор на овие гасови. Тимот под водство на Мајкл Бродли, од Францускиот национален центар за научни истражувања во Вандевр-ле-Нанси, ги споредил карпите од Сибир кошто се формирале пред ерупцијата и тие што се формирале по стврднувањето на лавата, по крајот на ерупцијата. Постарите карпи содржеле поголеми количества хлор, бром и јод, количини доволни за уништување на целиот озонски слој. Гасовите биле ослободени заедно со лавата од длабочините на Земјината кора.
Ерупциите при коишто доаѓа до ослободување на високореактивни гасови претставуваат поголема опасност за животната средина и за животот воопшто, споредено со вулканските ерупции при коишто нема вакви емисии на гасови.
Истражувањето е објавено на 27 август во Nature Geoscience.