Рубрика: Аеронаутика
Едрилици со кои се леташе во Македонија: ВАЈА
Автор: Перица Поповски
Објавено на 22.08.2018 - 14:15

Пилотот Перо Десков со едрилицата Ваја

Во серијалот ви ги претставуваме воздухопловните едрилици со коишто се леташе и сè уште може да се лета во аероклубовите во Македонија. Историјата за градба на едрилицата Ваја е  мошне интересна. По конструкцијата на едрилицата Рајхер (DFS Reiher), конструкторот Ханс Јакобс увидел дека таа е доста сложена за градба, особено за масовно производство. Затоа Јакобс се одлучил да ја конструира едрилицата Ваја (Weihe), во 1937 – 1938 година.  За разлика од Рајхер, едрилицата Ваја била конструирана како висококрилец со потполно рамни крила (се разбира, гледано во правец на летот) и со мал V изглед на крилата од 2,5”. Профилот  за крилата е употребен од веќе испробаниот план на едрилицата Рајхер GÖ  - 549 со вкупно витоперење од 7”. 

Јакобс ја дизајнирал Ваја да биде единствена едрилица во поглед на градба, одржување, расклопување, а со кабина дизајнирана во стилот на авионите ловци. Секако, за поедноставно привикнување на пилотите едриличари за поглед на хоризонт на моторни авиони.

Со оваа едрилица освоени се многу првенства, и направени се многу рекорди во траење на лет и должина на прелет. Нејзината изведба не била надмината сè до крајот на педесетите години. Дури и денес се смета за квалитетна класична едрилица од отворена класа. Па како член на Фејсбук групата “Стари и обновени едрилици за лет”, постојано ја следам.

Едрилицата Ваја е изработена од дрвена конструкција со покривка од памучна ткаенина на делови на крилото (во втората третина) и на контролните површини. Од нападниот раб до раменицата напред има торзиона кутија, а потоа продолжува со ребра од авионски шпер. Притоа раменицата е изработена од Балтички бор, нападниот раб од бреза и покриена е со авио-шпер. Трупот претставува затворена кутија со елипсоиден облик кој преминува во кружен, со ребра и обложен е со авио-шперплоча.

Хоризонталниот и вертикалниот стабилизатор  исто така беа изработени со ребра од авио-шперплоча, раменици од квалитетно дрво и обвиткани со платно.

Поранешните верзии, и оние кои ги имавме ние во Македонија, имаа скија на којашто слетуваа. За брзо полетување на едрилицата се монтираше количка што по полетувањето се отфрлаше. Овој начин на градба со скија бара од пилотите големо искуство особено при слетувањето, бидејќи и при најмалото косо слетување се случуваа големи оштетувања на трупот.  Токму затоа кај подоцнежните верзии се монтираа тркала какви што се практикуваат и до ден денес. Монтажата на крилата и целата едрилица е крајно едноставна, и токму поради тоа овој систем беше копиран кај многу конструктори во други понови едрилици.

Прототипот  на едрилицата Ваја бил произведен во Германскиот истражувачки институт за долги летови (Deutsche Forschungsanstalt fur Segelflug или скратено DFS. По Втората светска војна таа беше произведувана во фабриката Фоке–Вулф во Германија, а се произведуваше и во Франција, Шпанија, Шведска, но и во Југославија во две фабрики, во Словенија и во Србија. Произведени се вкупно околу 400 едрилици.

Од разговорите со пилотите на оваа едрилица добив впечаток дека навистина била совршена за летање, безбедна и управлива, а и најомилена.

Со Ваја било освоено Светското првенство во едрилици во далечната 1948 година и повторно во 1950 година. Се користела за поставување на многу светски врвни резултати, национални рекорди. Така, Дик Џонсон со едрилицата Ваја го освоил првенството во САД во 1959 година.

  Инаку голем број македонски пилоти едриличари кои се школувале во воздухопловната школа во Вршац меѓу повеќето разни типови едрилици на кои се стекнувале со нови знаења во едрење од домашно и странско производство се школувале и со Ваја. Многу добри резултати во прелети се постигнати од македонски едриличари на Републичките натпревари кога тие се натпреварувале со едрилици од типот Ваја. За ова и директно можам да посведочам бидејќи бев дел од техничката екипа за поддршка со која секојдневно ги расклопувавме и склопувавме едрилиците поради недостаток од простор во хангарот. На нашиот настап на Државното првенство во Вршац со едрилицата Ваја управувана од Перо Десков од Скопје и Кирил Ангеловски – Татарот максимално се залагавме во секој поглед да ја претставиме Република Македонија и македонското воздухопловство.

Впечатоците беа неповторливи, се дружевме со легендите на југословенското едриличарство, но покажавме и дека имаме сили за понатамошни подобри резултати. Искуствата ги пренесовме на следните генерации.

Технички карактеристики:
Технички карактеристики: 

Распон на крила: 18 m

Должина: 8 m

Висина: 1,37 m

Мин. Брзина: 55 km/h

Максимална брзина: 170 km/h

Најдобра финеса: 1/33 m при 67 km/h

Тежина: 320 кг

Аеропрофил: Гетинген GÖ 549 во корен, а потоа во чист GÖ 549

Производство: 1938 година

Конструктор на DFS WAIHE: Hans Jacobs-1937/38 година

 
Клучни зборови:
Пилотот Перо Десков со едрилицата Ваја

Пилотот Перо Десков со едрилицата Ваја пред поаѓање на Државното првенство во Вршац

Ваја подготвена за старт

Ваја подготвена за старт

Влечење на едрилицата Ваја со авион од типот Икарус

Влечење на едрилицата Ваја со авион од типот Икарус

Едрилица во долет на целната линија

Едрилица во долет на целната линија

Технички податоци и скица на едрилицата

Технички податоци и скица на едрилицата

Школска обука на Ваја - Перо Десков во задната кабина како наставник

Школска обука на Ваја - Перо Десков во задната кабина како наставник

Оригинална Ваја произведена и реставрирана во Германија

Оригинална Ваја произведена и реставрирана во Германија