Уредот со милиметарска големина, којшто детектира и една единствена молекула, покажал рекордна чувствителност, велат неговите творци.
Типичните лабораториски анализи можат да детектираат единствена молекула само ако таа е бележана, на пример со флуоресцентна ознака. Со цел да добијат пофлексибилен сензор, Луиза Торси од Универзитетот Алдо Моро во Бари, Италија, и нејзините соработници, користеле транзистор како основа. Кај обичните транзистори, приклучувањето на извор на напон на портата може да го промени текот на струјата како прекинувач, односно да го “вклучи” и “исклучи”. Истражувачите го обложиле врвот на портата со антитела коишто се врзуваат со друго антитело наречено хуман имуноглобулин-G (IgG). Врзувањето на една молекула на IgG со облогата ја активирало портата, контролирајќи го протокот на струја низ транзисторот.
Симулациите на тимот укажуваат на тоа дека со врзувањето кон IgG, молекулата од обложувањето ја менува формата. Тоа предизвикува соседните слоеви на молекули да се преуредат, што влијае на напонот на портата. Авторите велат дека пристапот може да се користи за откривање на протеинските нуспроизводи на разни болести.
Резултатите на истражувањето се објавени во Nature Communications.