Луѓето коишто неодамна се откажале од пушењето имаат поголеми шанси да им биде дијагностициран дијабетес тип 2, отколку редовните пушачи. Но, од друга страна, добрите вести се дека откажувањето сè уште го намалува ризикот од смрт од сите хронични заболувања поврзани со пушењето. Вакви се барем заклучоците од истражувањето бјавено неодамна во The New England Journal of Medicine.
При анализата направена на три студиски популации во САД, Чи Сан (Qi Sun) од Харвардската школа за јавно здравство Т.Х. Чан во Бостон, Масачусетс, и неговите колеги откриле дека зголемувањето на телесната тежина, што честопати се јавува кај оние што го откажале пушењето, во 68% го објаснува зголемениот ризик од дијабетес. Како одвикнати пушачи во истражувањето биле дефинирани сите оние што се воздржале од палење цигара во претходните две до шест години. Притоа било откриено и дека ризикот од развивање на шеќерна болест достигнува врв некаде 5 до 7 години откако луѓето престанале да пушат, за потоа постепено да опаѓа.
Во едно друго истражување, Аидин Равшани (Aidin Rawshani) од Универзитетот во Гетеборг, Шведска, и неговите колеги ги проценувале ризиците за смрт кај група од околу 271 000 луѓе и утврдиле дека пушењето бил најчестиот предзнак за смрт кај луѓето со дијабетес тип 2. Доколку луѓето со шеќерна болест не пушат и ги одржуваат во границите на нормалното четирите здравствени показатели, стапката на смртност кај нив многу малку се разликува од онаа на општата популација. Притоа, опсегот за нормални вредности на здравствените показатели – крвниот притисок, шеќерот во крвта, холестеролот и концентрацијата протеинот албумин во урината, е оној препорачан од медицинските експерти.