Постојаното глобално климатско затоплување на Земјата, предизвикано од факторот човек, денес е многу актуелен проблем за човештвото. Во врска со тој проблем, научниците досега повеќепати предупредувале за можните несакани последици, доколку човекот продолжи со емитување во атмосферата на штетните гасови. Јаглеродниот диоксид (CO2) и метанот (CH4) познати се по тоа што имаат т.н. ефект на стаклена градина, којшто ја затоплува Земјата. Во тој контекст, досега имаше два меѓународни договора за редуцирање на емисиите на штетни гасови во атмосферата –едниот склучен во 1997 година во Кјото, Јапонија, и Парискиот договор од 2016 година. Меѓутоа, состојбата нималку не се подобри, дури и напротив, се влоши.
Имено, според една најнова студија на климатските промени на Земјата, група научници, експерти по климатологија, дошле до сознание дека во климатологијата постои извесен температурен праг, до којшто климатските услови сепак може да се контролираат. Меѓутоа, ако тој праг се пречекори, во дејство стапуваат дополнителни фактори коишто ќе го продолжат и ќе го интензивираат глобалното затоплување на Земјата, без оглед на тоа дали човекот во меѓувреме ќе престане со испуштање на наведените штетни “стаклено-градинарски” гасови во атмосферата. Со други зборови кажано, ако прагот се пречекори, враќање назад нема! Но, тоа не е сето зло. Имено, особено загрижувачки е тоа што климатолозите дошле до сознание дека Земјата веќе се наоѓа опасно блиску до наведениот граничен топлински праг, како последица од досегашното глобално затоплување. Истражувањата се објавени во официјалниот журнал на Американската академија на науките, Proceedings of the National Academy of Sciences.
Како граничен температурен праг, научниците ја номинирале температурната точка од најмалку 2°C над просечната температура што постоела на Земјата во прединдустриското време. Со пречекорувањето на таа граница, ќе се активираат разни дополнителни други фактори коишто неповратно ќе го продолжат глобалното затоплување, како што веќе рековме, и без натамошно учество на "факторот човек". Според авторите на студијатал, такви фактори се незапирливото забрзано топење на постоечкиот мраз во поларните предели, намалувањето на снежната покривка на северната хемисфера, ослободувањето на метановите хидрати од длабочините на океаните, изумирањето на амазонските шуми, итн. Сите овие фактори ќе го интензивираат глобалното затоплување на Земјата. Но, научниците проценуваат дека по извесно време, овој процес сепак ќе се стабилизира при некоја повисока температура, во којашто ќе дојде до рамнотежа меѓу климатските промени и природата. Со тоа, Земјата тогаш ќе навлезе во наполно нова климатска состојба, којашто научниците ја нарекле “Hothouse Earth" (Стакленичка Земја). Веќе кажавме дека денес Земјата се наоѓа многу блиску до наведениот граничен праг, со опасност секој момент да го пречекори, па според тоа наведената климатска состојба, научниците најавуваат да настапи околу 2300 година. Температурата на која климата ќе се “стабилизира” научниците ја проценуваат на околу 4 – 5 °C над температурата од прединдустриското време.
Но, да видиме какви ќе бидат тогаш условите за опстојување на животот на Земјата? Како прво, во екваторските предели климата ќе биде прежешка, па популацијата од тие предели ќе се преселува кон поларните региони, а според некои експерти, таа значително и ќе се намали. Нивоата на океаните ќе се подигнат за околу 10 – 60 метри над сегашното ниво, на Земјата ќе беснеат нескротливи урагани а истовремено ќе владеат и долготрајни суши... Спасот од сето тоа е само соодветна колективна човечка акција во насока да се спречи пречекорувањето на тој граничен праг. Но, дали овој пат човештвото тоа ќе го сфати сериозно?
За крај, еве ја изјавата на Јохан Рокштром (Johan Rockstrom), извршен директор на Stockholm Resilience Centre, којшто е и еден од авторите на објавената студија:”Јас се надевам дека можеби сме направиле некој превид во нашата студија, но ние научниците имаме одговорност да го истражиме случајот. Имено, ние сега треба да знаеме сè околу тоа многу итно прашање, едно од многуте други егзистенционални прашања”.